question-mark-2492009_960_720

Фото: Pixabay

Првиот елемент со којшто започнува секоја маркетинг стратегија е приодот на организацијата кон пазарните цели. Пазарната сегментација може да се дефинира како процес на издвојување на групи потрошувачи кои имаат исти барања кон производството. Во основа на концепцијата на пазарната сегментација се наоѓаат две теоретски пораки:

  1. признавање на разликите, т.е хетерогената природа на пазарите за производи (разбирање на пазарот како збир на одделни сегменти);
  2. диференцијација на продуктивноста и методите на нејзиниот пласман. Стратегијата на сегментирање на пазарот претставува истражувачки процес, а резултат од тој процес се утврдените пазарни сегменти, што е појдовна основа и потреба за успешно работење на претпријатијата.

Сегментирањето на пазарот подразбира различни начини на сегментација: масовен маркетинг, сегментирачки маркетинг, субсегментирачки маркетинг и микромаркетинг. Во современи услови на стопанисување бројот на претпријатијата коишто го користат масовниот маркетинг е сведен на минимум и се почесто се практикува целниот маркетинг.

При сегментацијата на пазарот главно тежиште е да се откријат сите фактори што се најсоодветни во маркетинг концепцијата.

Маркетинг концепцијата на претпријатието е поврзана со постоење на развиен пазар на којшто дејствуваат пазарните законитости. Маркетингот своите активности ги гради преку програмска ориентација на производството на производ или услуга за познати потрошувачи. Тој е своевидна креација и испорака за програмските одлуки на претпријатието.

Процесот на сегментирање на пазарот не само што е основа за развој на маркетинг стратегиите, туку има и огромно влијание врз процесот на формулирањето и изнаоѓањето на маркетинг плановите.

Процесот на на сегментација на пазарот се состои од:

  1. Избирање меѓу различни основи за сегментирање на пазарот
  2. Развивање на профили од коишто произлегуваат пазарни сегменти
  3. Развивање на мерки за привлечноста на секој сегмент

Секое претпријатие пред да настапи на некој пазар неопходно е да изврши: сегментирање на пазарот – поделба на пазарот на хомогени групи на потрошувачи, таргетирање на пазарот – определување на привлечноста на секој сегмент пооделно и позиционирање на пазарот – поставување на конкурентска позиција на производот и креирање на детален маркетинг микс за целиот пазар.

Сегментирање на пазарот подразбира поделба на пазарот на хомогени групи на потрошувачи кои имаат исти или слични потреби, за чие задоволување е нопходен соодветен маркетинг микс концепт или делување на пазарот на различни групи на купувачи со различни потреби, карактеристики или однесување на коишто им треба соодветен производ, цена, начин на дистрибуција и промоција, или накратко соодветен маркетинг микс.

Во основа сегментирањето на пазарот се состои од:

  1. откривање на сегментите на пазарот што се состојат од потрошувачи со определена сличност во карактеристиките и околината во која живеат и
  2. приспособување на стратегијата на маркетингот со цел да се задоволат потребите на потрошувачите во утврдените сегменти.