perenje-pari-pixabay

Фото: Pixabay

Под поимот перење пари (money laundering) се подразбира процес преку којшто таканаречените “нечисти“ пари или друг вид на имот стекнати со криминални или противзаконски активности се претвораат во “чисти“ пари или имот. Овие “чисти“ пари, потоа може да се користат како легален приход во банкарски, трговски, купопродажни, инвестициски и претприемачки активности.

На таканаречените “перачи“ на пари не им е важно да остварат највисока стапка на парите, туку многу повеќе се грижат за местото или инвестицијата што ќе им овозможи најлесно и најбрзо рециклирање на парите.

Постапката на перење пари најчесто се одвива во три фази:

  • Фаза на инвестирање во којашто парите остварени од криминални активности за прв пат се вложуваат во некоја финансиска институција или со истите пари се купува одреден имот;
  • Фаза на прикривање во којашто се прават обиди да се прикрие или промени вистинското потекло или сопственост на средствата:
  • Фаза на интеграција во којашто парите се вклучуваат во легални економски текови и финансискиот систем и се присоединуваат кон останатите вредности во системот.

Историски гледано, начинот на перење пари ја разработи познатиот американски криминалец Ал Капоне. Тој добиените пари од коцкање, проституција, продажба на алкохол, за време на прохобицијата во Америка во текот на 20-тите години од минатиот век, ги легализирал прикажувајќи ги како приход од своите автоматски перални за облека. Тој имал отворено претпријатие што им нудело можност на клиентите да ја перат и сушат облеката во специјални машини. Па, нелегално стекнатите пари ги прикажувал како приход од овие машини. На тие приходи уредно плаќал данок и парите од нелегални, стануваат легални.

Сите земји во светот, дури и оние најразвиените и најсилните, се соочуваат со потешкотии поради сложеноста, тешкото откривање на извршителот и докажување на вината. Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, 2% до 5% од светската економија ја чинат веќе “испрани“ пари.

Законодавецот предвидува мерки и дејствија за откривање и спречување на перење пари и финансирање тероризам што ги преземаат субјектите, а тоа се: анализа на своите клиенти; следење на одредени трансакции; собирање, чување и доставување податоци за трансакциите клиентите кои ги вршат и воведување и примена на програма (акт на субјектот што определува правила, процедури и упатства за примена на мерки и дејствија за спречување на перење пари и финансирање тероризам).

Во Македонија постои регулатива во борба против процесите на перење пари: Закон за спречување на перење пари и финансирање тероризам; Кривичен законик; Закон за финансиска полиција; Закон за банките; Закон за кривична постапка; Закон за Народна банка на Република Македонија; Закон за девизно работење; Закон за вршење на услуги брз трансфер на пари.

email