jabolka-i-vaga-pixabay

Фото: Pixabay

Понудата и побарувачката се поими со коишто секојдневно се среќаваме, па прашање е како се дефинираат, што означуваат и што претставуваат во услови на пазарна економија.

Понудата се дефинира како количина на добра и услуги што еден економски субјект е подготвен да ги понуди на пазарот по одредена цена и утврдени услови. Понудата на еден производител на пазарот претставува поединечна понуда, а повеќе поединечни понуди ја чинат вкупната или агрегатна понуда.

Главни фактори што во најголема мера влијаат на големината и видот на понудата се: технологијата, односно колкави се трошоците за производство на одреден производ или услуга; висината на трошоците за ангажираните ресурси како што се: труд, енергија и слично; цената на сродни добра или услуги коишто остваруваат иста или слична цел и имаат иста или слична функција; законската регулатива и специфични фактори.

Побарувачката ја претставува количината на производи и услуги што купувачите се подготвени да ја платат по одредени услови и утврдена цена. Главни двигатели што го насочуваат интензитетот и големината на побарувачката се: просечниот доход на потрошувачите (што ја одредува нивната куповна моќ); цени на супститути (производи коишто задоволуваат потполно исти потреби) и комплементарни производи или услуги (на пример, не може да се замисли побарувачката на автомобили, без побарувачка на услуги за нивно сервисирање); вкусовите и желбите на потрошувачите, како и други фактори што произлегуваат од специфични ситуации.

Понудата и побарувачката меѓусебно делуваат за да може да се воспостави неопходната рамнотежа на цените и количините на производи или услуги, што со други зборови означува пазарна рамнотежа. Овој вид на рамнотежа се остварува кога при одредена цена и количина, се изедначуваат силите на понудата и побарувачката. Во оваа ситуација, нема тенденција на пораст или намалување на цените на производот или услугата. Рамнотежната цена уште се нарекува и цена што го “чисти“ пазарот. Тоа значи дека сите порачки се исполнети, а сите понудувачи се задоволни.

Во обратен случај, ако побарувачката расте на пазарот се случува зголемување на цените и количините што се нудат. Доколку побарувачката има надолен тренд, тоа ќе предизвика намалување и на цените и на количината на производот или услугата што се нуди. Кога се работи за понудата, ако истата расте тоа ќе предизвика пад на цената, а зголемување на количината на производи или услуги. Обратно, ако понудата бележи намалување, цената на производот или услугата ќе порасне, а количината се намалува.

email