pofit-pixabay

Фото: Pixabay

Секоја компанија може да го оправда своето постоење само доколку остварува позитивен финансиски резултат, расте, се развива, инвестира, ги проширува своите капацитети, зафаќа поголем удел на домашниот или на пазари во странство… Максимизација на профитот претставува долгорочна цел на секој претприемач, а тоа се остварува со максимизирање на производство и продажбата и намалување на трошоците во исто време.

Профит е поим со латинско потекло и означува создавање или остварување на напредок. Под овој поим се подразбира разликата меѓу вкупните приходи и трошоци што компанијата ги остварува преку извршување на своите деловни активности.

Спротивно, доколку трошоците ја надминуваат вредноста на приходите компанијата се соочува со негативен финансиски резултат или загуба. Во тој случај, задача на менаџерите е да го детектираат проблемот во компанијата, да го реорганизираат работењето за да може компанијата финансиски да закрепне.

Целта на профитот е да го поттикнува претприемачот да биде ефикасен, да внимава на правилна и економична алокација на ретките и ограничени ресурси. Обезбедување на висока стапка на профит за една компанија значи и зголемување на финансискиот капацитет за нејзин понатамошен раст и развој.

Профитот теоретски може да се подели на економски и деловен профит. Тие меѓу себе се тесно поврзани, бидејќи деловниот профит зависи од економскиот во одреден период. Економскиот профит ја претставува разликата меѓу приходите и експлицитните (трошоци на вредноста на ресурси што не му припаѓаат на претпријатието) и имплицитните трошоци (трошоци на вредноста на ресурсите на компанијата). Од друга страна, деловниот профит ја претставува разликата меѓу приходите на компанијата и експлицитните (сметководствени) трошоци.

Основна поделба на профитот е на бруто и нето. Бруто профитот ја прикажува разликата меѓу вкупните приходи на компанијата и материјалните трошоци. Предвид се земаат само оние приходи и расходи коишто компанијата ги генерира преку извршување на своите деловни активности. Нето профитот од себе ги “отфрла“ останатите трошоци, како што даноците. Овој профит му стои на располагање на претпријатието и може да се искористи за повеќе намени: за исплата на дивиденда (доколку е акционерско друштво), инвестиции, резервни фондови, покривање на загуби од минати години…

Степенот на профитабилност на една компанија се мери преку показателите за профитабилност коишто ја покажуваат нејзината ефикасност и го поврзуваат профитот со приходите од продажба и инвестициите. Тие показатели се: профитна маржа, стапка на поврат на имотот (ROA) и стапка на поврат на капиталот (ROE). Профитната маржа ги става во однос различните видови на добивка и приходите. ROA се однесува на добивката што компанијата ја остварува по една парична единица имот. Колку е пониска добивката по една единица имот, поголем е степенот на интензивност на имотот, што бара и повеќе интервенции во компанијата за да може да се оствари добивка. ROE покажува колкава добивка се генерира на една единица капитал, односно главнина.

email