stecaj

Фото: Pixabay

Стечајот претставува судска постапка за ликвидирање или реорганизирање на компанија што се соочува со несолвентност (неликвидност на долг рок). Доколку се спроведе постапка за ликвидација, доверителите ги подмируваат побарувањата преку продажба на имотот на несолвентната компанија, а реорганизацијата бара нов начин на организирање на компанијата и нејзино рестартирање.

Стечај или реорганизација над должникот, според Законот за стечај, се спроведува кога стечајниот должник е неспособен за плаќање. Ќе се смета дека должникот е неспособен за плаќање ако во период од 45 дена од која било негова сметка, кај кој било носител на платниот промет, не е исплатен износот што требало да биде исплатен врз основа на важечките основи за плаќање.

Стечајната постапка има за цел колективно намирување на доверителите на стечајниот должник преку продажба на имотот на должникот и износот да се распредели на доверителите. Освен неспособноста за плаќање, како причина за појава на стечај може да биде и презадолженоста на компанијата, кај која пасивата е поголема од активата во билансот.

Стечајната маса го опфаќа целиот имот на должникот на денот на отворање на стечајната постапка, како и имотот што ќе се стекне во текот на стечајната постапка. Оваа маса служи за намирување на трошоците на стечајната постапка, како и за намирување на доверителите на стечајниот должник. Во стечајната маса не влегуваат предметите и правата на должникот – поединец на кои не би можело да се спроведе извршување, доколку должникот не бил трговец или занаетчија.

Стечаен управник е физичко лице кое ја спроведува стечајната постапка во рамки на законот. Тој мора да биде член во Комората за стечајни управници, а истиот е именуван од страна на стечаен судија. Стечајниот управник одговара со сиот свој имот за штетата што ќе ја причини на секој учесник во стечајната постапка, доколку не постапува согласно законската рамка.

За спроведување на стечајната постапка надлежен е трговскиот суд.

email