test

Фото: Pexels

Стрес тестовите претставуваат алатка со којашто може да се оцени отпорноста на одредена финансиска институција или целокупниот финансиски систем, под претпоставка да се остварат одредени непосакувани настани или сценарија.

Оваа анализа, одговарајќи на прашањето – што доколку…, проценува што би се случило со капиталот, профитот, паричните текови на некоја финансиска институција или систем во целина доколку некое од предвидените сценарија се случи.

Стрес тестот, како алатка, не потекнува од финансиските институции, туку најголема примена порано имал во техничките науки. Во најширока смисла, спроведувањето на стрес тестови е техника со којашто се проверувала стабилноста на некој објект или систем во различни неповолни услови. Кај финансискиот сектор, овој вид на тестирање на почетокот се користел за проценка на карактеристиките на индивидуалните портфолија или стабилност на одредени институции. Подоцна, оваа методологија почнала да се користи за тестирање на стабилноста на група финансиски институции, кои самостојно или групно, може да имаат големо влијание на економијата во целина.

Целиот процес на стрес тестирање е повеќе од само нумеричко пресметување на влијанието на одреден шок. Тоа вклучува избор на финансиски институции, дефинирање на можните ризици и сценарија, моделирање на влијанието на одредени сценарија на солвентноста и ликвидноста, изработка на комуникациски стратегии за претставување на резултатите од стрес тестовите и давање на препораки за воведување или заострување на одредени мерки.

Поголемиот дел од стрес тестовите се фокусирани на банкарскиот сектор, бидејќи овие институции имаат огромни влијание на реалната економија.

Една институција е солвентна, кога вредноста на нејзината актива е поголема од обврските, односно кога вредноста на капиталот е во позитива. Вредноста на активата и обврските зависи од идните парични текови, коишто во одредена мерка се неизвесни и зависат од идните економски и финансиски услови. Стрес тестот на солвентноста проценува дали финансиската институција или систем во целина има доволно капитал да остане ликвиден на долг рок во хипотетички ризично окружување.

Стрес тестовите на ликвидност се користат за оценка на можноста за опстанок на банката во услови на ликвиден шок. Банките би можеле да се соочат со неочекувани одливи. Поради рочната неурамнотеженост на активата и пасивата, банката може да се соочи со проблеми поврзани со повлекување на депозитите на клиентите. Доколку дојде до големо повлекување на депозитите, банките се соочуваат со неликвидност, којашто може да биде и на долг рок.

Народната банка на Македонија ги спроведува стрес тест анализите на финансиските институции во Македонија. На тој начин, таа ја анализира чувствителноста на банките на евентуално шокови, како резултат на нејзината изложеност на пазарниот ризик.

При спроведувањето на стрес тест тестирањето, НБРМ во предвид зема повеќе видови на ризици. При оценка на пазарниот ризик, како ризични фактори се сметаат промените на: пазарната цена на сопственичките хартии од вредност, каматните стапки и девизните курсеви. Стрес тест анализата на ликвидносниот ризик се темели на квалитативна оценка, во комбинација со спроведување на квантитативните анализи. При оваа анализа, се развиваат неколку можни сценарија, во коишто се инкорпорирани повеќе прашања на коишто банките треба да дадат соодветен одговор.

email