karticka

Фото: Pixabay

Трансакција претставува двонасочна размена на вредности помеѓу две или повеќе страни. Секоја трансакција се реализира според однапред дефинирани услови, време и место што им одговара на двете договорни страни.

Праксата препознава различни видови на трансакции, коишто се однесуваат на субјектите меѓу кои се одвива, што е предмет на трансакцијата и според какви услови се извршува.

Парична трансакција – пренос на одреден износ на парични средства од сметката на должникот на сметката на доверителот. Во оваа трансакција, должникот и доверителот можат да бидат физички лица, или истата да се реализира меѓу физички и правни лица.

Трговска или бизнис трансакција – предмет на оваа трансакција може да биде одреден производ или услуга во зависност од претходно договорените услови меѓу двете страни. Кај овој вид на трансакции, производот или услугата се заменува за одреден паричен износ, што му одговара и на купувачот и на продавачот.

Банкарска трансакција – кај овој вид на трансакција едната страна е банката, којашто нуди низа услуги за своите клиенти, а од другата страна можат да бидат физички, правни лица, државни институции, невладини организации… Преку овој вид на трансакции, банката врши услуга за пренос на одреден износ на средства од една на друга сметка за што наплаќа одредена провизија.

Бартер – претставува систем на размена на производи или услуги што се разменуваат за друг вид на производ или услуга. Кај овој вид на трансакции не постои паричен износ што се заменува за вредноста на производот или користењето на одредена услуга. Вообичаено се реализира на билатерална основа – меѓу два субјекти, но може да се одвива и преку специјализирана бартер организација или берза. Овој метод на размена може да се користи за време на монетарна криза, кога постои нестабилност на валутите или кога паричните средства не се достапни за извршување на трговската трансакција.

Компензација – уште еден вид на трансакција што вообичаено ја користат компании коишто имаат меѓусебна соработка. Овој вид на трансакција им овозможува да ги исплатат меѓусебните обврски. Доверителот побарува одреден износ од должникот, но тој истовремено му должи ист или различен износ по некоја основа. На тој начин се врши пребивање, а доколку износите се различни, една од договорните страни го исплаќа остатокот.

Девизна трансакција – предмет на овој вид на трансакции се девизите. По дефиниција девизите го претставуваат секое побарување што гласи на странска валута, но многу често се користи кога се означува плаќање или друга деловна активност во странски валути. Кај овие трансакции постојат таканаречените термински девизни трансакции коишто означуваат договор за плаќање на одреден износ на една валута за друга на одреден датум во иднина според однапред утврдени услови.

Берзанска трансакција – станува збор за купување или продавање на хартии од вредност издадени од страна на овластена берза. Купувањето и продавањето на хартии од вредност по налог и за сметка на клиент, според законските прописи, можат да вршат само брокерски куќи, банки и странски брокерски куќи коишто имаат добиено соодветна дозвола за работа од Комисијата за хартии од вредност.

email