brodcinja-pixabay

Фото: Pixabay

Трошок претставува паричен износ со којшто се утврдува трошењето на ресурсите за да може да се создаде одреден производ или услуга. Ангажираните ресурси (материјални добра, време, пари…) се појдовна точка за пресметување на цената на чинење на одреден производ или услуга. Симплифицирано, трошокот е одраз на искористување на ресурсите.

И во теоријата, но и во праксата за еден претприемач многу е важно да ја идентификува потребата од трошоците, да го следи нивниот развој и да знае како да управува со нив. За да се постигне ефикасно управување со трошоците во компанијата, коишто ќе ја обезбедат потребната продуктивност, потребно е да се идентификуваат видовите на трошоци.

Според времето на настанување, трошоците може да бидат плански (доколку менаџментот ги проектира финансиските извештаи за следната година или за подолг временски период) и реални (овие трошоци веќе се евидентирани во компанијата и процесирани во сметководствениот систем. Исто така, овие трошоци може да бидат појдовна основа за дефинирање на планските трошоци).

Една од поважните поделби на трошоците е на фиксни и варијабилни. Фиксните трошоци се целосно независни од обемот на работа на компанијата и степенот на искористеност на капацитетите. Во оваа група може да се сместат: амортизација на опрема и објекти, телефонски претплати, регистрација на службени возила и други режиски трошоци коишто компанијата ги има без оглед на тоа дали има зголемен или намален обем на работа. Важно е да се идентификуваат сите фиксни трошоци во компанијата, за да може финансиски да се подмират во секое време без оглед на останатите активности.

Од друга страна, варијабилните трошоци се променлива категорија и зависат од обемот на работа. Кај овој вид на трошоци има три основни видови: пропорционални, прогресивни и дегресивни. Пропорционални варијабилни трошоци се оние што растат со исто темпо како и зголемениот обем на работа, дегресивни се кога се намалуваат со порастот на работните активности, а прогресивни се кога растат со поголема динамика од процесот на производство.

Исто така, меѓу поделбите има и таква што ги утврдува трошоците според местото каде што настануваат. Па така, може да се детектираат трошоци што се генерираат директно од процесот на производство или пак станува збор за административни трошоци. Постои и поделба во зависност од деловната функција од каде што настануваат трошоците: набавка, продажба, производство, финансии, менаџмент…

Претприемачот кој се грижи за трошоците и приходите од редовно работење може да користи различни методи за нивно планирање, евидентирање и оценување. Овие методи ќе му помогнат да го најде оптималното ниво на трошоци коишто нема да ја загрозат финансиската кондиција на компанијата, а во исто време ќе значи и оптимално искористување на капацитетот за создавање на производот или услугата.

email