paricki

Фото: Pixabay

Секој од нас, освен за сегашноста, мора да води сметка и за сопствената и за иднината на своите блиски. Во младоста луѓето имаат повеќе енергија и желба за работа, но како одминуваат години, така се намалува работната способност.

Токму поради тие природни процеси човек почнува да го намалува обемот на работни обврски и му се наметнува потребата да го пренесе своето знаење и искуство на помладите во неговата непосредна околина. Но, каде е тука финансиската стабилност и сигурност во таа возраст? Пензискиот систем треба да им овозможи стабилен и редовен прилив на сите лица кои работниот век го поминале во извршување на своите редовни задачи и од својата плата одвојувале средства за пензиските денови.

Пензијата претставува месечен паричен надомест на кој еден поединец стекнува право по основ на осигурување во случај на старост, инвалидност или смрт, преку исполнување на услови што се пропишани со закон.

Суштината на пензискиот систем е да се грижи за законски одвоените финансиски средства на вработените и исплата на пензиите на лицата кои ги исполниле потребните услови за добивање на паричниот надомест.

Оддржливоста на пензискиот систем изнуди низа реформи во Македонија, па така пензиската реформа во земјава официјално беше претставена во 1997 година, кога беше основан проектот за реформа на пензискиот систем од страна на Министерството за труд и социјална политика. Во март 2000 година, беше усвоен Закон што го регулира реформираниот пензиски систем, што го носи името “тростолбен“.

Според тоа, пензискиот систем во земјава го сочинува Првиот столб, што е задолжителен и тековно финансиран, Вториот столб е задолжителен и капитално финансиран, додека Третиот е доброволен и капитално финансиран.

Првиот столб функционира на принципот на генерациска солидарност, што значи дека сегашните осигуреници плаќаат за сегашните пензионери. Преку овој столб се обезбедува остварување на право од пензиско и инвалидско осигурување во случај на старост, инвалидност или смрт.

Вториот столб го почитува принципот на капитализација на средствата. Собраните средства преку плаќање на придонеси на индивидуални сметки чии средства понатаму се инвестираат и добивката намалена за трошоците на работењето на системот се акумулира на средствата на индивидуалните сметки. Преку овој столб се обезбедува остварување на право на пензиско осигурување во случај на старост, односно се исплаќа старосна пензија, што е дополнително на пензијата од првиот столб.

Доброволното капитално финансирано пензиско осигурување се заснова на принципот на капитализација на средства, а она по што се разликува од вториот е тоа што е на доброволна основа. Во овој столб може да се приклучат сите оние кои сакаат поголема материјална сигурност во иднина покрај задолжителното осигурување, како и оние кои не се опфатени со првиот и вториот столб. Со третиот столб се овозможува и основање и финансирање на професионални пензиски шеми.

Законските одредби во земјава налагаат правото за пензија да може да го остварат осигуреници на возраст од 64 години за мажи и 62 години за жени со остварен работен стаж од минимум 15 години.

email