pari-sitni-pexels

Фото: Pexels

Девизи го претставуваат секое побарување во странство што гласи на странска валута. Но, како поим често се користат за означување странска валута. Девизите претставуваат средство за меѓународни плаќања.

Во потесна смисла, овој поим најчесто се дефинира како краткорочно побарување што гласи на странска валута. Во поширока смисла, пак, поимот девизи во меѓународната економија, освен краткорочно побарување што гласи на странска валута, ги опфаќа и ефективните странски пари (валути) коишто ја вршат функцијата на светски пари.

Девизите како побарувања во странски валути претставуваат специфичен производ што се купува и продава на девизниот пазар. Тие, во суштина, ја претставуваат вкупната куповна моќ во странство, а тоа значи дека странскиот девизен резидент како корисник на побарувањата во странство добивка девизи коишто претставуваат побарувања во странски валути. Од таа перспектива, девизите претставуваат побарувања за валути коишто една национална економија ги има во валути на други земји.

Постојат повеќе видови на девизи коишто се делат според различни критериуми. Конвертибилните девизи можат меѓусебно да се конвертираат по соодветен девизен курс и без којшто мултилатералниот платен промет не би можел да се замисли. Во оваа група спаѓаат: американскиот долар, еврото, јапонскиот јен, швајцарскиот франк. Од друга страна, неконвертибилните девизи не можат слободно да се конвертираат во друга девиза и не се погодни за користење во меѓународни плаќања. Во оваа група на девизи спаѓаат побарувања што гласат на валути од неразвиени земји и земји во развој со што и девизниот курс е прилично нестабилен.

Исто така, има и промптни девизи (побарувања во странски валути коишто се достасани и со коишто може веднаш да се располага) и термински девизи (не може веднаш да се користат, туку по истекот на договорениот рок).

email