Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, кофинансиран од Владата на Швајцарија, денеска во Могила свечено ја затвори својата четиригодишна иницијатива Да одлгедуваме повеќе пченка, за време на земјоделскиот саем Тракторијада 2016. Директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин, и Амбасадорката на Швајцарија во Македонија, Сибил Сутер Техада, говореа за постигнувањата на иницијативата.

„Многумина се запознаени како Проектот на УСАИД за експанзија на мали бизниси, преку оваа иницијатива, помогна да се модернизира производството на пченка во Македонија со комбинација од капка-по-капка наводнување и добри земјоделски практики. Денес, година и пол по донацијата на последниот систем, во Македонија има повеќе од 800 хектари со пченка и сончоглед под капка-по-капка наводнување, раширени на повеќе од 300 фарми. Овие фарми имаат просечни приноси на зрно од 13 тони по хектар и на силажа од 87 тони по хектар – тројно повеќе од националниот просек! Препознавајќи ги бенефициите на наводнувањето капка-по-капка, земјоделците почнаа самите да инвестираат во оваа технологија, но и со помош на средства од значителните субвенции на Министерството за земјоделство“, изјави директорот на УСАИД во Македонија, Џејмс Стаин.

„Пченката, во зрно или силажа, е основна добиточна храна. Затоа е клучна за многу ланци на добавување за производство на храна, особено индустриите за производство на млеко, месо и јајца. Преку зголемување на производството на пченка им помагаме на овие индустрии да ги намалат производствените трошоци, што им овозможува да растат, да ги зголемат приходите, да создадат работни места, но и да зачуваат работни места кој се под ризик од исчезнување. Преку иницијативата Да одлгедуваме повеќе пченка, веќе го зголемивме домашното производство за повеќе од 7.000 тони годишно, што е околу11% од потребното за потполна замена на увозната пченка во земјата“, додаде Амбасадорката на Швајцарија, Сибил Сутер Техада.

Приносите на пченка на хектарите наводнувани со капка-по-капка се двојно или дури и тројно поголеми, со просек од 13 т/ха во зрно и рекордни 17,5 т/ха (националниот просек е 4,2 т/ха). Ако овој тренд продолжи, Македонија би можела да произведе доволно пченка за целосно да го замени увозот на пченка до 2021 година (за што се потребни уште 7.000 хектари под системи капка-со просечен принос од 13 т/ха). Овој процес би можел да создаде нови 7.000 работни места низ сите синџири на снабдување кои зависат од производството на пченка. Во моментов, преку Проектот со оваа иницијатива се создадени и зачувани околу 900 работни места само на ниво на фармите.

Годишниот земјоделски саем Тракторијада 2016 е организиран од Општина Могила и Локалната акциона група ПеЛАГонија по втор пат оваа година, со финансиска поддршка од УСАИД и Владата на Швајцарија. Еднодневниот саем ќе се одржи на плоштадот пред општинската зграда во Могила, од 11 до 16 часот. Шеснаесет компании од цела Македонија, производители, дистрибутери и продавачи на механизација, опрема, семенски материјал и финансиски услуги ќе изложуваат на саемот (Евро-Стил, Агростарт, Њу Холанд Агрикалчр, Шауман, Профи Динамик, Маган-Мак, Синпекс, Сано, Хемометал, Еуро-Полог, Агровојводина, Агроунија, Стопанска банка – Битола, Хоризонти, ФУЛМ, Централна кооперативна банка – Скопје и Локалната акциона група ПеЛАГонија). За време на саемот ќе се одржат и неколкуинформативни презентации за земјоделци и професионалци од земјоделската индустрија.

email