goran-naslovnaГоран Шуменковски, раководител на оддел продажба, имплементација и техничка поддршка на софтвер, Акцент компјутери

Акцент Компјутери е основана пред повеќе од 20 години. Преку развој од мала приватна компанија со двајца вработени, денес брои преку 70 вработени, преку 30.000 активни клиенти и повеќе пати е вбројувана помеѓу 200 најуспешни компании во Македонија.

Акцент Компјутери е технолошки лидер на пазарот во делот на софтверски решенија наменети за мали, средни и за големи претпријатија. Од самото формирање, мисијата е едноставна – да се понудат и да се изработат квалитетни компјутерски решенија што ќе ги задоволуваат различните потреби на корисниците.

Акцент Компјутери ја има произведено првата фискална каса во Македонија. Оваа компанија инсталираше 175.000 компјутери во проектот Компјутер за секое дете.

“Нудиме ИТ ‘клуч на рака’ – решенија за сите хардверско/софтверски потреби на една фирма. Континуираниот раст на компанијата е наша обврска. Од формирањето па до сега, компанијата расте со зголемување на прометот на годишно ниво од 20% – 30% секоја година. Фокусот мора да биде насочен кон одржување стапка на раст на компанијата преку воведување на нови услуги и решенија, како и проширување на други пазари”, вели Горан Шуменковски, раководител на оддел продажба, имплементација и техничка поддршка на софтвер.

БИ: Акцент компјутери има сопствено производство на софтвер. Какви производи нудите?

Акцент како компанија има софтверски решенија за најразлични типови на бизниси. Има ЕРП (Enterprise Resource Planning – планирање на деловните ресурси) решенија како што се:

  1. Collab – web ориентиран софтвер за компании кои имаат голем обем и работа. Collab е ЕРП систем за комплетно материјално, комерцијалнo и финансиско работење. Модуларен систем со повеќе модули во зависност од потребите на клиентот.
  2. CollabBOX – web ориентиран софтвер за мали и средни компании. CollabBOX e препакетирано решение за материјално, комерцијално работење, како и за малопродажба и е наменето за компании кои имаат надворешно сметководство.

Исто така, Акцент во своето портфолио има софтвер за маркети, бутици, најразлични продавници што се занимаваат со малопродажба, како што е easyPOS – продавница софтверско решение, софтвер за ресторанско работење (кафетерии и ресторани), односно easyPOS – ресторан, VERTICO – сертифициран софтвер за бензински пумпи, а во поново време и бесплатниот софтвер Cashley.

Како компанија веќе подолго време посветено работиме на усовршување и прилагодување на нашите софтверски решенија на пазарот. Клиентски сме ориентирани и се трудиме да ги задоволиме “вкусовите” на нашите клиенти.

thumbnail_collab_box

БИ: Може да ни кажете нешто повеќе за Cashley, бесплатниот софтвер што го нудите?

Cashley е софтвер кој ја олеснува работата со фискалните уреди, а покрај тоа клиентите имаат целосна контрола на прометот и артиклите. Овој софтверски пакет се нуди БЕСПЛАТНО на пазарот и се состои од две апликации: едната десктоп апликација за брзо креирање фискални сметки, со модерен графички дизајн и многу лесно поврзување со Synergy фискалните апарати и другата која е веб апликација, односно следење на готовинскиот промет во реално време од телефон, таблет…

Најновата опција за софтверскиот пакет Cashley е креирање фактури, што го воведовме од неодамна.

Со овој производ сметаме дека ќе потпомогнеме компаниите полесно и секако бесплатно да се стекнат со софтвер, како и да го подобрат и олеснат своето работење.

thumbnail_cashley_logo

БИ: Развивате и нови апликации…

Како што спомнав на почетокот, Акцент е компанија која не застанува тука, туку продолжува да ги следи трендовите на пазарот и да воведува нови алатки и апликации во работењето. Насочени сме кон андроид платформа, односно работиме на апликација за мобилна продажба за андроид уредите, kitchen display за ресторанско работење, како и андроид апликација за мобилен келнер. Ова е само еден мал дел од она на што работиме моментално.

БИ: Кои се предизвиците со кои се соочувате при продажбата на софтвер? Колку лесно/тешко македонските компании ги менуваат своите навики и прифаќаат нови работи?

Прашањето Ви е на место 🙂 Знаете, во продажбата и имплементацијата на софтвер се соочувате со најразлични барања од страна на компаниите. Барем јас мислам дека успешно се соочуваме со пребирливите клиенти, бидејќи сме флексибилни, а клиентот е секогаш во право, нели? Работиме на пазар со голема конкуренција, а компаниите многу тешко ги менуваат своите навики. Никогаш не сум гледал само да продадам софтвер, ако компанијата нема потреба за истиот, тоа им го кажувам и на моите вработени, бидејќи продажбата не завршува кога фактурата ќе е издадена, кругот на продажба трае постојано, а на крај резултатот треба да биде задоволниот клиент.

При имплементацијата на софтвер во една компанија наидуваме на отпор, иако истиот е одобрен и потврден од менаџментот. Луѓето тешко ги менуваат навиките и секогаш претходниот изглед и навики сакаат да се пресликаат и во новиот софтвер (што речиси е невозможно). Како оддел имаме решение за сè, бидејќи имаме доста искуство и голем број на успешно имплементирани софтвери. Таквото искуство ни дава за право да ги советуваме клиентите и да им укажеме на фактот дека со заедничка соработка многу полесно и поефикасно се доаѓа до целта, а целта е секако поквалитетно и подобрено нивно работење.

thumbnail_20170307_091818

БИ: Кои се предностите при користењето на софтвер во работењето?

Потребата за брзо и ефикасно доаѓање до информации, нивна анализа, а со тоа поставување на плановите за во иднина прават софтверските решенија да имаат клучна улога во бизнисот. Нормално со било какви софтверски решенија работат луѓе, затоа податоците со кои се “хранат” софтверските решенија треба да се точни и навремени. Софтверските решенија се алатки со кои поедноставно доаѓаме до посакуваните резултати.

БИ: Кој е вашиот најголем адут во продажбата?

Покрај квалитетните софтверски решенија, а тоа можат да го потврдат многуте задоволни клиенти, најголем адут според мене е техничката поддршка на клиентите. Во цената на нашите софтверски пакети е вклучена поддршка во првата година од користењето, бидејќи сметаме дека за време на овој период клиентите ќе стекнат рутина и пракса самостојно да ги користат софтверските решенија. Навремената реакција, решавање на проблемите и флексибилноста од наша страна се најголеми адути, а сето тоа е дел од поддршката што им ја нудиме на клиентите.

accent

email