sneg

Фото: Pixabay

Снегот или мразот на коловозите претставува голем проблем за сите учесници во сообраќајот. Возењето во зимски услови бара добро подготвено возило, прилагодување на брзината според условите на патот и голема концентрација.

Зимски гуми

Прв предуслов за безбедно возење на снег или мраз е возилото да има зимски гуми. Според законската регулатива во земјава, како зимска опрема на моторни возила со најголема дозволена маса што не надминува 3.500 килограми се подразбира: зимски гуми на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина од четири милиметри или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази по обем и широчина, со минимум од најмалку четири милиметри, ако возилото во приборот има синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други помагала. Доколку моторното возило има погон на сите четири тркала или има маса од над 3.500 килограми, во тој случај минималната длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина е шест милиметри.

Зимските гуми се препознаваат по ознаките: МЅ, М+Ѕ, М&Ѕ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Чистење на снегот од возилото

Доколку има поголема количина на снег на возилото, потребно е истата да се отстрани, а особено внимание при чистењето да се обрне на стаклата. На тој начин се зголемува прегледноста на патот. Во текот на зимскиот период, ветробранските стакла се изложени на големи нечистотии, па поради тоа внимавајте на средството за чистење на стакла. На пазарот постојат голем број вакви средства, па во зима секогаш изберете ги оние што не замрзнуваат на ниски температури. Кога станува збор за ветробранските стакла, секогаш проверувајте ги и бришачите, чија задача е да го исчистат стаклото без да остават поголеми траги коишто ќе ја намалат видливоста.

Внимателно возење, безбедно сопирање, прилагодување на брзината…

Кога коловозот е замрзнат, посебно е важно да ја прилагодите брзината според условите на патот. Никогаш не претерувајте со педалата за гас, ниту со наглото кочење, а не се препорачува ниту неконтролирано движење на воланот. Неопходно е да се држи поголемо растојание од другите возила, заради поголема безбедност, а исто толку е важно да се води сметка за пешаците и останатите учесници во сообраќајот.

Не заборавајте на моторното сопирање, особено доколку треба да влезете во кривина. Тоа значи намалување на брзината од повисок кон понизок пренос, со што моторот на возилото го прави сопирањето. На тој начин ќе спречите можност за лизгање или извртување на возилото од патот.

Возете внимателно и среќен пат!

email