phones-050-1Фото: Klemens Schillinger

Дизајнерот Клеменс Шилингер создаде предмети што ги имитираат движењата што секојдневно ги правиме на паметните телефони, пишува Dezeen. Substitute Phones со помош на тркалезни топчиња вградени на различни позиции овозможува корисникот да зумира, “скрола“ и лизга по нив исто како што тоа го прави на смартфонот. Целта на овој проект е да се намали зависноста од паметни телефони.

Многу луѓе тешко се одвојуваат од ова парче технологија и затоа дизајнерот смисли креативен и целосно безбеден начин да им помогне на оние чие користење на паметни телефони преминува во зависност.

Шилингер, кој има студио во Виена, создаде пет “лажни“ телефони чиишто топчиња имитираат различни движења на паметните телефони. Преку физичка стимулација корисникот го има истото чувство како да го користи својот смартфон, само без штетно влијание.

Дизајнерот се погрижи и тежината на лажниот телефон да биде иста како и кај просечен смартфон. Изработени се од посебен вид на пластика, додека топчињата се направени од природен камен.

Ова е втор проект на Шилингер што има за цел да ја намали зависноста од паметни телефони. Кај првиот проект, Offline Lamp, ламбата се пали само кога корисникот ќе го остави својот мобилен телефон во нејзината кутија.