tav-aerodrom

Почнувајќи од 31 октомври, нискобуџетната авиокомпанија Eurowings, членка на групацијата Луфтханза, ќе отвори нова линија Скопје – Минхен, поврзувајќи го скопскиот аеродром Александар Велики со меѓународниот аеродром во Минхен.

Како што најавија официјални претставници на авиокомпанијата, најниските цени за авионските билети ќе почнуваат од 39,99 евра, а рутата ќе ги поврзува македонските граѓани и сите патници на скопскиот аеродром со главниот аеродром во Минхен, аеродромот Франц Јозеф Штраус, којшто е главниот аеродром  во германскиот град. Eurowings неодамна најави 10 нови прекуокеански летови од аеродромот во Минхен.

Eurowings ќе лета на линијата Скопје – Минхен два пати неделно, односно, секој вторник и петок, со Ербас А320 – 200, со капацитет од 174 седишта.

“Уверени сме дека ова е одлична вест за патниците и во Македонија и во Германија бидејќи ќе имаат уште еден директен лет што ќе ги поврзува двете земји. Ова, исто така го означува и почетокот на работењето на Eurowings, како нискобуџетна авиокомпанија, на македонскиот воздухопловен пазар. Скопскиот аеродром Александар Велики ќе биде поврзан со главниот аеродром во Минхен, што ќе претставува одличен избор и можност за продлабочување на комуникацијата меѓу двата града.  Друг важен факт за Eurowings како членка на групацијата Луфтханза, е дека нашите патници, не само од Македонија, туку и од регионот, ќе имаат дополнителни конекции и во Европа и на интерконтинентално ниво надвор од Минхен“, изјави Алпер Ерсој, Генерален директор на ТАВ Македонија.

Билетите за летовите на оваа линија се веќе во продажба преку веб страницата на авиокомпанијата eurowings.com.

“На 31 октомври ќе се означи почетокот на нашите операции во Македонија, со отворањето на линијата Скопје – Минхен, како единствена воздушна конекција меѓу двата града. Среќни сме што Скопје се приклучува на нашата глобална мрежа од 150 дестинации. Веруваме дека оваа линија ќе обезбеди фантастични нови можности за зајакнување на релациите меѓу Македонија и Германија, а со тоа и дека ќе им овозможи на патниците од двете земји полесно да ги доживеат двата одлични града, Скопје и Минхен. Ги охрабруваме сите патници да ја посетат нашата веб страница eurowings.com каде може да се резервираат и да се купат авионските билети, со цени кои почнуваат од 39,99 евра“, изјави Иван Ореч, директор за развој на мрежата на авиолинии на Eurowings.

Нискобуџетната авиокомпанија Eurowings, со седиште во Келн, е членка на групацијата Луфтханза. Сообраќа на повеќе од 150 дестинации во повеќе од 40 земји низ Европа и е добро позната по одличната мрежа на авиолинии до атрактивни туристички локации. Лета во многу држави во регионот, како што се Албанија, Бугарија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора, Турција. Eurowings е најбрзо растечка авиокомпанија во 2017 година, а оваа година повеќе од 22 милиона патници ќе летаат со Eurowings.

ТАВ Македонија неодамна додаде шест нови авиолинии во својата мрежа на дестинации, којашто е во подем и на двата аеродроми, во Скопје и во Охрид. Преку Александар Велики, патниците од јули годинава се директно поврзани и со Рим, Малта и Ваксјо (Шведска) со Wizz Air, додека Qatar Airways, исто така во јули, воспостави директен лет до Доха. Летната сезона пак во главната туристичка дестинација во Македонија – Охрид, беше обележана со отворањето на новата директна линија до Катовице во Полска.

ТАВ Македонија ги заврши првите седум месеци од 2017 година со 8% пораст на бројот на патници, достигнувајќи 1.089.906 патници на двата македонски аеродрома – Александар Велики во Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид. Во јули, на двата аеродрома се превезени вкупно 229.776 патници, што, споредено со истиот месец во 2016 година, е пораст од 15%.

email