pocket-watch-3156771_960_720

Фото: Pixabay

Многу често, кога ќе се погоди некој период кога имам голем број обврски, со помала или со поголема важност и приоритет, знае да ме фати паника и да се блокирам. Не знам од каде да почнам, што попрво да фатам, а најголем притисок во таа ситуација ми прават очекувањата. Односно, што ќе се случи со резултатот во иднина од тие активности, и како ќе се одразат на мене лично или на работата.

Во такви моменти на паника ја користам техниката “во следниот час”. Тоа значи дека ги елиминирам сите активности, стравови, претпоставки што ќе се случат после еден час и се фокусирам на она што може да го направам во тој час. Доколку го оставиме мозокот да размислува негативно за можните последици, може да си направиме огромен проблем, стрес и тоа негативно да се одрази на нашето здравје. Затоа, фокусот дадете го на она што реално може да се направи во следниот час, а за тоа што ќе се случи потоа не мислете, бидејќи не можете да имате големо влијание. Најмногу што може да се направи е, работата што ќе ја завршите во тој час да ја направите најдобро и најпосветено.

Откако ќе заврши тој час, повторно фокусирајте се на следниот час. И така натаму. На тој начин ќе бидете попродуктивни и ќе може да завршите најмногу обврски. Тоа е и најдобро што може да го направите во такви моменти.

Во суштина, оваа техника ги фокусира мислите на одредена задача и во одреден период. Не му дозволува на мозокот да почне да прави претпоставки и да креира негативни мисли (или барем ги намалува).

Како дополнување на оваа техника, може да го погледнете и овој предлог на Mel Robbins кој го нарекува Закон на 5 секунди . Едно многу едноставно (но не и лесно) правило/техника, која се однесува на зголемување на продуктивноста. Односно, нé поттикнува на акција и нé вади од конфликтната зона помеѓу “она што знаеме дека треба да го правиме” и “она што сакаме да го правиме”. Интересен закон којшто функционира. Го тестирав при станување од кревет.

Со успех во промените.