5

Во 1986 година, Унипласт започнува со работа во мала гаража, дел од семејната куќа и на почетокот функционира како услужна работилница за поправки на полиестерски делови. Претежно се работеше на терен, а првата посериозна работа беше договорена со ЕМО за изработка на постоечки и развој на нови електро-изолациони табли и корита. Триесет години подоцна, Унипласт од Струга има модерна и пространа фабрика со напредна технологија. Компанијата е во 100% приватна сопственост на фамилијата Ковачески и произведува производи од армиран полиестер, кои претежно се пласираат на европскиот пазар. Палетата на производи е широка, од цистерни, индустриски кади, лизгалки, базени, тобогани, електроизолациони табли, до прочистителни станици, кампери, киосци, чамци и глисери, а главното производство е делови за белгиската Van Hool.

По скромниот почеток, во 1989 година Унипласт го претставува својот прв патентиран производ – киоскот Медитеран, кој многу брзо станува хит на пазарот. По успешно спроведениот маркетинг план, нарачките стигнуваат од сите страни, а за да дојдат до киоск, клиентите плаќаат авансно и чекаат по неколку месеци. Поради специфичниот дизајн, производот на Унипласт немаше никаква конкуренција, а како растеше искуството, така се нудеше и дополнителна опрема на киоскот, што даваше можност за уште поголем профит.

2

Успехот на “топките” беше пресуден за оваа компанија. Киосците им овозможија да вложат во понатамошен развој на нови производи. Во 1991 година градат нова фабрика и ја прошируваат палетата производи.

“Киоскот Медитеран даде силна енергија и помогна Унипласт да се развие во производна фирма. Со финансискиот бенефит од успешниот старт, започнавме со изградба на погон кој беше неопходен за натамошен раст на фирмата. Откако се обезбедија услови за непречено производство и развој на нови производи, го претставивме својот втор киоск – Лименка. Лименките веднаш беа брендирани од Словин Билјана од Охрид – тогашна фабрика за Coca Cola. Се започнаа преговори за испорака на киосци за потребите на Coca Cola за источна Европа, но поради влошувањето на ситуацјата во Југославија и нефункционирањето на меѓународниот платен промет во Македонија, преговорите се прекинаа. Финансиски поткрепени од успехот на двата киоска, направивме добра маркетинг кампања во која, покрај двата главни производи, ги промовиравме и останатите проекти и производи кои се развиваа по барање на пазарот и 7купувачите. Поради отвореноста и флексибилноста на фирмата за следење на барањата на пазарот, оформивме посебен тим кој работеше само на развој на нови производи. Овој чекор се покажа како клучен за напредокот на Унипласт во годините кои следеа”, вели Бојан Ковачески, директор на Унипласт.

Во периодот од 1995 до 1999 година, компанијата инвестира во поранешен Полипласт со цел да се избегне негово пропаѓање, но безуспешно. Во наредните години Унипласт ќе западне во криза, но за брзо склучува договори со неколку контингенти на НАТО за испорака на цистерни за вода, нафта, септици, туш кади, туш кабини, кабини за соблекувални и друга опрема потребна за изградба на базата Бон Стил во Косово.

Понатаму, во текот на годините, Унипласт склучува договор за снабдување на АРМ со над 500 цистерни со различни волумени, за што беа развиени полиестерски ранци во кои можеше да се складира 20 л. вода; започнуваат со подготовки за сериско производство на глисери за Холандија и до 2009 година извезуваат во просек по 70 глисери годишно; на барање на Вентилатор од Хрватска, Унипласт развива вентилациона решетка за прекуокенаски бродови…

1

Како секој бизнис, Унипласт имаше и подеми, но и падови.

“Во 2007 почнавме преговори за извоз на 100 глисери годишно во Шведска. По скоро две години, преговорите завршија со неуспех заради неможноста на нашата државна администрација да издаде документ дека во Македонија се произведуваат пловни објекти. На крај глисерите се регистрираа како холандски производ, но преговорите веќе пропаднаа. Сè уште извезуваме мали глисери во Србија, Унгарија, Бугарија, Германија и Италија, но со значително помал обем. Благодарение на холандската амбасада и проектот на ПУМ, стапивме во контакт со Deen Polyester и Micro Caravans од Холандија. Со Micro Caravans започнавме заеднички проект за развој на монолитна камп приколка која беше единствена во својот сегмент на пазарот во ЕУ. Многу работни часови и макотрпна работа се вложија во развојот на прототипот, моделот и калапот за производство на камп приколката. Уште на првиот саем, специфичниот дизајн веднаш го привлече вниманието на водечките магазини за кампери, а критичарите дадоа многу добри оценки за производот. До 2009 година продажбата беше во рамки на планираното, но глобалната финансиска криза го поремети развојот на овој проект. По неколку годишно стагнирање, камп приколките почнаа да се извезуваат за италијанската Nuova Allcar, која како овластен производител на возила и соработник на FIAT, даде нова насока за нивен развој. Во истиот период, преговаравме со Deen Polyester за производство на сегменти за ветерници. Се потпишаа договори за дискреција и технолошки тајни, се презедоа сериозни зафати со цел да се приспособи производство за новите елементи коишто беа со огромни димензии, дури се разгледуваа и варијанти за транспорт на деловите за ветерници. За жал, проектот за изградба на огромната централа за ветерници беше откажан од страна на ЕУ поради финансиската криза, а Deen Polyester банкротира поради огромните инвестиции кои ги направи за имплемантација на овој мега проект”, додава Ковачески.

4

Покрај соработката со странски партнери на разни проекти, Унипласт работи и на неколку важни проекти во Македонија. Еден од поважните е проектот за развој и производство на водомерни шахти, во кој Унипласт соработува со австриската Strabag. Во периодот од 2009 до крајот на 2010, Унипласт разви, атестира и заштити четири модели на водомерни шахти, од кои испорача над 3.500 парчина за проектот за водоснабдување на Прилеп.

3Во 2012 година започнаа преговорите со белгискиот производител на автобуси Van Hool.

“Поради високите стандарди и гаранции што ги бараше Van Hool, преговорите се одвиваа со многу споро темпо, но започнавме со пробни испораки за Белгија. За нас најважно беше тоа што техничкиот оддел и одделот за контрола на квалитет на Van Hool беа задоволни со нашите производи, а уште пред влегувањето на оваа белгиска компанија во Македонија, станавме нивен кооперант и доставувавме испораки за Белгија”, вели Ковачески.

Плановите на Ковачески се да се прошират во сегментот наутика со производство на три нови модели на чамци од 6 до 7,5 метри што ќе се пласираат на Балканот. Со добро позната фирма од Германија, работат на развој на нов глисер кој треба да биде готов за проиводство во 2017 година. Освен тоа, планираат да го прошират делот за автомобилската индустрија и да почнат со производство на седишта за тркачки автомобили за познат бренд во Италија, за што веќе имаат нова хибридна технологија и знаење.

Компанијата Унипласт сè уште расте и се развива и со својата професионалност, политика за квалитет и флексибилност е отворена за потребите на пазарот.

Компанијата Унипласт е еден од учесниците во Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија.

abb0025c-01d5-4f54-a022-baacc3290bf2Бојан Ковачески, директор на Унипласт, Струга

“По саемот за наутика во Џенова, започнавме проект за воведување на нова технологија, во голем дел за заштита на животната средина и дава голема слобода во развојот и производството на нови производи. Со поддршка на Проектот, беше ангажиран консултант од Велика Британија, кој го сподели своето искуство и даде нови насоки во развојот на нови калапи за производство на полиестерски делови. Исто така, беше направено тест производство со новата технологија на еден од производите кои сериски се произведуваат за потребите на Van Hool и истите се дадени на понатамошни испитувања, со цел да се воочи бенефитот од користењето на новата технологија”, вели Ковачески.

Со овој чекор на Унипласт му се отвораат можности за освојување на нови пазари, како со постоечките, така и со нови производи кои многу поедноставно ќе се произведуваат со помош на новата технологија, а во голем дел ќе стекне предност во однос на конкурентските фирми од ЕУ.

email