usaid

Американската агенција за меѓународен развој УСАИД, годинава ја одбележува 25-годишнината од работата во Македонија. Во рамките на изминатиот четвртина век, УСАИД во партнерство со македонските граѓани, институции, здруженија и организации, посвети значително внимание и обезбеди поддршка за да го подобри квалитетот на живот во нашата земја низ различни проекти, допирајќи до речиси сите сегменти од општественото живеење.

Преку еден од проектите што започна од едноставна идеја – да се исчисти  отпадот од пластична амбалажа, која заради широката употреба ја затрупуваше и загадуваше  природата – се поставија темелите на една сосема, дотогаш непостоечка индустрија: селектирање и рециклирање на отпад од пластика.

До почетокот на 2005 година, се рециклираше само отпад од метал и хартија во мали количини, а главната причина поради која не се рециклираше пластиката беше фактот дека всушност нема кој истата да ја откупува.  Во 2006 година, УСАИД во соработка со своите партнери го воведе концептот за рециклирање на пластика во Македонија, кој пак консекутивно го поттикна собирањето  и сортирањето на отпад од пластика на повеќе собирни пунктови низ целата земја. Со ова, се поттикна перцепцијата дека пластиката не е само отпад, туку и суровина која може да се извезува и користи во различни индустрии.

Така, се поставија темелите на една сосема нова индустрија и настапи нова ера во поглед на подигање на општествената свест за заштита на животната средина преку систематично адресирање на проблемот.

Процесот започна со поддршката на неколку странски и домашни компании кои почнаа да работат со рециклирање на пластичниот отпад со цел да создадат стабилен систем за набавување на суровини, т.е. отпад од пластика.

Овие компании  воведоа технологија со која го рециклираа отпадот од пластика во гранули од пластика, кои понатаму се извезуваа како суров материјал од кој се правеа разни нови производи. Паралелно со тоа, УСАИД спроведуваше активности за  подигање на свеста на населението за рециклирање уште од најрана возраст, преку едукативни каравани во основните училишта низ Републиката.

Преку програмата за вклучување на уличните собирачи во формалниот систем на собирање на отпад, беа организирани  обуки за правилно сортирање на пластиката, а за собирачите беа обезбедени специјално направени трицикли за собирање пластични шишиња. Така, проектот придонесе за создавање на дополнителни приходи за три до пет илјади лица од социјално ранливите категории, и зголемување на собраната ПЕТ амбалажи од 350 тони во 2005 година до 6.000 тони во 2009 година.

Во истиот период, преку овој проект УСАИД помогна во подготовка на Законот за пакување и третман на амбалажен отпад како обврска на производителот, а беше создадена и Асоцијацијата за рециклирање на пластика – ПЕТРА.

Во подоцнежната фаза, УСАИД во партнерство со локалната власт во неколку општини, помогна да се создаде целата инфраструктура и логистика за рециклирање на отпад од пластика преку набавка на сини метални улични контејнери за  пластична амбалажа, назначување собирни пунктови и работа со јавните комунални претпријатија, кои понатаму директно и континуирано ќе комуницираат со населението  за да ја одржат практиката за одвојување на  пластиката од останатиот отпад.

Проектот за рециклирање на пластика е само еден дел од низата на проекти на УСАИД во рамките на секторот за Економски развој на Македонија, а чија цел е унапредување на македонската економија преку проекти за унапредување на бизнис средината и пристап до финансии и поддршка на малите и средни претпријатија. Како една од основите на проектите на УСАИД се нивните долгорочни ефекти за целокупното општество, а како пример за тоа е еден од проектите со локална компанија од Кавадарци.

Имено, компанијата работи во доменот на рециклирање на ПЕТ амбалажи кои потоа се користат како суровини за изработка на влакна од полиестер, а кои потоа се користат за производство на амбалажи за пакување на храна и пијалаци, козметички производи, детергенти и сл. Преку поддршката на УСАИД во почетната фаза, компанијата денес бележи постојан раст и развој, зголемување на продажбата, приходите и вработувањето, а кои се должат на достапноста на нови извори на суровини од соседните пазари кои ги зголемуваат капацитетите за производство на рециклирана ПЕТ амбалажа, постојано зголемување на ефикасноста преку подобрување на производните процеси, како и оптимизација на банкарското финансирање благодарение на одличната финансиска изведба.

УСАИД во соработка со владата, општините, училиштата, компаниите и другите релевантни учесници од овој сектор помогна во воспоставувањето на логистиката за рециклирање пластика. Преку различни едукативни и промотивни активности, континуирано работеше на создавање перцепција и свест за пластиката како суровински материјал од кои понатаму се прават други корисни производи со повисока употребна вредност. Исто така, овој сектор овозможи создавање на нови работни места. Преку различните активности на овој проект, граѓаните беа во можност да научат како да го собираат, сортираат и рециклираат отпадот од пластика и како да ја чуваат непосредната околина.

email