8

Вилата Мал Свети Климент се наоѓа во стариот дел на Охрид, познат како Варош и се истакнува со својата убавина и традиционална градба. Нејзиниот сопственик Будимир Соколовиќ веќе работи на проширување на капацитетите, со спојување на две куќи со заедничка рецепција, а во подрумот има нова винарија, каде што гостите ќе можат да уживаат во закуски и дегустации на вино произведено во амфори.

3Будимир Соколовиќ

“Некаде 2007 година, еден другар ми покажа интересна стара куќа во Варош што беше на продажба. Прво не бев заинтересиран, но кога ја видов куќата, црквичката и кога се качив горе, кога го видов погледот, во моментот ми дојде идеја да направам нешто. Ме воодушеви староградската атмосфера, старата куќа, погледот. Почнав да размислувам, кога би бил странец, кога би дошол во Охрид, што би сакал да видам? Куќата да е во староградски, охридски стил. Таков е и ентериерот, сè да асоцира на охридска традиција. И тука започна приказната. Вилата ја отворивме летото 2009 година. Нудиме само собна услуга и на почетокот почнавме со француски доручек, потоа воведовме континентален доручек, па ја збогативме понудата со домашна храна, ајвар со сирење, бурек со јогурт, проја… “, вели Соколовиќ за почетоците.

1

Најголем дел од гостите во вилата се странци, дипломати, политичари, претставници на странски мисии… Размислувајќи што друго традиционално да им понуди на гостите, Будимир се одлучува за нешто што е во гените на Македонците – виното. Затоа секогаш за добредојде, неговите гости добиваат чаша домашно вино.

2

“Почнав со домашно вино, па малку се заинтересирав за традиционално правење на вино, но малку пософистицирано. Направив мала опрема, дабови буриња и за почеток виното им го нудиме на гостите за добредојде. Сега кога е потопло им даваме памид, тоа е интересно вино што потекнува од 5-6 век од пред нашата ера, од Тракија. Во Охрид е традиционална база за правење црно домашно вино – памид, малку вранец и прокупец. Од вината, покрај памид правам и р’кацители, тоа е најстарата жива сорта на грозје. Целта ми е да правам вино од охридски вински регион, сорти на грозје што не се, така да кажам, толку популарни”, вели Соколовиќ.

Во рамките на вилата, која е отворена во текот на целата година, од неодамна е отворена и винарија, каде по специјална нарачка, од Грузија се донесени две амфори.

4

“Производството на вино во амфори е една од најстарите методи на правење вино. Такви амфори во винариите се вкопуваат во земја, за да се одржува константна температура на виното. Самото производство на вино во амфори е тотално различно од традиционалното во дрвени буриња. Кога се произведува вино во амфори, додека трае процесот на ферментација, мора постојано да се меша. Кога ќе заврши ферментацијата, амфората се дополнува со вино до горе, се затвора и се остава така шест месеци. Во тој период талогот ќе падне на дното, а горе останува чистото вино. Оваа година, на есен, ќе ми биде првото производство на вино во амфори”, објаснува Соколовиќ.

6

Сопственикот на вилата и винаријата вели дека ова го работи за душа. Тој е сопственик на уште еден бизнис од машинската индустрија, фирмата Техноматик. Оваа компанија работи со хидраулика, пневматика и автоматика, производство и изработка на делови. Во овој бизнис е вклучен и неговиот син, кој повеќе ќе се посвети на машинството, а Будимир сака да се ориентира повеќе на виното.

7

Будимир Соколовиќ е учесник во Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија и имплементиран од ЦЕЕД Македонија, од Југозападниот регион. За Проектот вели дека е многу корисен, затоа што на настаните за вмрежување запознал многу интересни луѓе.

“Проектот ми овозможи да се запознам со луѓе за кои, на пример, сум слушал, но сум немал можност да остварам комуникација. Многу е корисен за ширење познанства и контакти, кои понатаму сигурно ќе придонесат за некакви соработки. До сега имаме неколку потенцијални соработници, преговараме нешто, а верувам ќе има и нови”, вели Соколовиќ.

email