dsc_6826Винаријата Стоби на почетокот од месецов го претстави своето портфолио на производи на еден од најреномираните саеми за прехрана во светот, саемот Продекспо во Москва, каде што го привлече вниманието на бројните посетители кои беа воодушевени од квалитетот и вкусот на вината на Стоби.

Саемот Продекспо веќе 25 години традиционално се одржува во руската метропола. Годинешното издание на саемот се одржа на простор од околу 100.000 метри квадратни, а на него се претставија 2.342 компании од 63 земји во светот. Претставувањето на винаријата Стоби на Продекспо го одржа тимот на винаријата од Македонија во соработка со долгогодишниот дистрибутер на вината Стоби на рускиот пазар, компанијата Браво трејд.

Претставувањето пред руските, но и многубројните посетители од странство, беше заокружено со организирање на специјален дегустативен настан на кој винските љубители уживаа во најквалитетните вина на Стоби и вкусната храна приготвена специјално за оваа прилика како комбинација на специјално селектираните вина. Притоа, главниот акцент на дегустацијата беше ставен на вината од ексклузивната линија Приватна резерва (Private Reserve) што редовно ги освојуваат најпрестижните награди на винските натпревари низ светот.

Винаријата Стоби годишно произведува околу 4,5 милиони литри вино во шишиња, од кои над 70 отсто одат за извоз. Во моментов, вината на Стоби се присутни на европскиот пазар, во САД и во Јапонија. Во Европа, освен во Русија, Стоби извезува и во поранешните југословенски држави, соседните балкански земји, Холандија, Данска, Велика Британија и Германија.