vitaminka-prilep

Прехранбената компанија Витаминка од Прилеп за оваа 2017 година планира да оствари вкупни приходи од оперативно работење во износ од 36,5 милиони евра, покажува финансискиот и бизнис планот за 2017 година.

“Планираните вкупни приходи од оперативното работење на компанијата се позиционирани на износ од приближно 36.500.000 евра. Од вака планираните вкупни приходи, 52% се планирани да се остварат на домашен пазар, а 48% да се остварат на странски пазари“, стои во финансискиот и бизнис планот.

Како приоритети за продажба на Витаминка се зголемување на продажбата на домашниот пазар и во балканските земји.

Остварувањето на финансискиот план ќе ја зголеми добивката на компанијата за 10% до 12%.

“Имајќи ја предвид среднорочната стратегија за развој на друштвото и во 2017 година продолжува со инвестирање со несмалено темпо. Основно инвестициите се однесуваат на модернизирање и автоматизирање на техничко – технолошките процеси, зголемување на постоечките капацитети, воведување на нови производни линии, градежна реконструкција и адаптација на производни хали и магацини за складирање“, стои во финансискиот и бизнис план.

Предвидувањата во планот за работа се базирани врз основа на: реалните пазарни очекувања, продажните проекции и можности за пласман на производите на постоечките и новите пазари; зголемување на продуктивноста и ефикасноста во искористување на сопствените ресурси и потенцијали, како и намалување на одредени групи на трошоци во одредени сегменти.

email