lazar naslovnaЛазар Петров, менаџер за вински туризам на винарска визба Попова кула

“Акцентот ни е исклучиво на локалните сорти на грозје, како Станушина, која е македонска автохтона сорта на грозје, една од најстарите во светот”, вели Лазар Петров, менаџер за вински туризам на винарската визба Попова кула. Попова кула е сместена во Демиркаписката долина, каде, според најстарите археолошки пронајдоци, се одгледувала винова лоза и се произведувало вино уште во 13 век п.н.е.

БИ: Колку време постои винарската визба Попова кула?

Винаријата Попова кула почната е со изградба во 2004 година, а првата берба е направена веќе 2005 година. Со туризам почнавме да се занимаваме од 2009, кога е изграден хотел – ресторанот. На почетокот, капацитетот на винаријата ни беше некаде околу 200.000 литри, меѓутоа во 2009 година значително го зголемивме, на некаде околу 615.000 литри. Имаме 23 различни етикети на вино од 10 различни сорти на грозје. Планирано е со проширување на сместувачките капацитети, од идната година да имаме 33 соби.

1526951_10152920621754623_5760712554726917551_n

БИ: Имате некое вино кое е специфично само за оваа винарија?

Имаме неколку специфични вина. Акцентот ни е исклучиво на локалните сорти на грозје, како Станушина, која е македонска автохтона сорта на грозје, една од најстарите во светот. Произведуваме вина и од други локални сорти на грозје, како Прокупец, Жилавка, Темјаника, Вранец, но правиме и од интернационални сорти на грозје, како што се Шардоне, Совињон Бланк, Мускат Отонел итн.

БИ: Како се одвива процесот на производство?

35590_102643149786305_2829199_nДел од виното се изработува во инокс тенковите, мали цистерни за ферментација, а дел старее уште по една година во дабови буриња. Користиме повеќе различни технологии за правење вина – во инокс, технологија на правење на бели и црвени вина и розе вина направени по технологија на бели вина – со кратка мацерација. Дел од црвените вина ги ставаме да стареат во дабови буриња по една година. Од белите вина само едно го старееме во дабово буре, тоа е шардонето. Бурињата се користат максимално два до три циклуси за отстојување на виното. Тие се направени од американски, француски, унгарски и македонски даб со различен степен за печење.

Секоја сорта ја следи и ја оценува енолог, кој постојано се грижи за квалитетот на виното.

БИ: Чувате примероци од првата берба?

Чуваме по неколку шишиња од првите берби и имаме наша архива.

36487_104485286268758_3589860_n

БИ: Објектот е изграден на веќе постоечки објект или на ново? Зошто го носи името Попова кула?

Не, објектот е изграден на ново од темел. Постоела стара кула од турско време, на 50-тина метри подолу, но во 1931 година земјотресот со епицентар во Валандово ја урива, заедно со целото село Бање. Тогаш Демир Капија не постоела, постоело помало село наречено Бање. Во земјотресот и селото и кулата се уриваат до темел и кралот Александар Караѓорѓевиќ наредува да се изгради ново место, кое е наречено според клисурата Демир Капија, што значи железна порта.

БИ: Колку хектари имате под ваш насад?

25430_354872294622_6573958_nВо моментов Попова кула има 17 хектари лозов насад, но во соработка сме и со локални кооперанти со кои претходно правиме договор, им даваме инструкции како сакаме да биде окроено лозјето, колку пати и дали треба да се наводенува, кои пестициди да ги користат итн. Во однос на пестицидите се водиме по европски стандардни, а во наша корист е и климата овде која не дозволува појава на многу болести, па пестициди употребуваме само два до три пати. Во Демир Капија има некаде околу 330 ветровити денови, што не дозволува задржување на болести на самите винови лози, а исто така има и до 300 сончеви денови, што е поволно за процесот на зреење. Родот го ограничуваме, со стандардизирање правиме 500 – 600 килограми на декар, се со цел да се зголеми квалитетот.

БИ: Ќе се проширувате со нови сорти на грозје?

Во моментов тука сме застанати, но мислиме да го прошириме капацитетот на постоечките локални сорти затоа што гостите што доаѓаат сакаат да пробаат нешто локално. Шардоне и Кабернет можат да пробаат било каде во светот, меѓутоа сорти како Станушина, Жилавка, Вранец, можат да ги купат само во овој дел од Европа. Преку таа чаша на вино можат да го видат Балканот, односно Македонија.