hour-of-code-1

Повеќе од 70 средношколци од девет училишта, годинава, учествуваа на четвртиот интернационален настан Hour of Code (Воведен час во кодирање), што се одржа на Факултетот за електротехника и информациски технологии во Скопје. Овој меѓународен настан има цел да ги воведе младите во светот на програмирањето и информатичките науки.

Средношколците во просториите на ФЕИТ имаа едночасовна можност да се запознаат со концептите и практично да реализираат проект – игра. Настанот го организира Студентскиот парламент на ФЕИТ во соработка со демонстратори од институтот Компјутерски технологии и инженерство на Факултетот и со поддршка од компанијата Netcetera.

“На Hour of Code учествуваа голем број ентузијасти, луѓе кои го сакаат програмирањето и кои имаат желба да го продолжат своето образование во оваа област. Овој час овозможи да креираат нешто интересно употребувајќи ги своите вештини и креативност, а притоа да се забавуваат и научат нешто повеќе во светот на програмирањето“, вели Теа Вељковиќ, еден од организаторите и демонстратор на настанот.

Hour of Code за првпат се организираше во Македонија по иницијатива на Студентскиот парламент на ФЕИТ во 2014-та година и прераснува во традиционален настан што ги воведува младите луѓе со светот на програмирањето.

email