foto-1

Ако сакаме да го менуваме светот преку бизнисот, тогаш мора прво да размислиме како најдобро да го промениме бизнис светот, порача светски познатиот претприемач, Гиб Булок, кој одржа инспиративен говор во рамки на второт издание на Форумот на добри компании што се одржа денеска, во хотелот Скопје Мериот, а чија цел беше вмрежување на искуствата и градење партнерства меѓу институциите, бизнисите и граѓанскиот сектор, стои во соопштението.

Булок во рамките на консултантскиот гигант Accenture, го основаше социјално претпријатие Accenture Development Partnerships, со што отпочна да ја застапува улогата на надоаѓачкиот четврт сектор во глобалниот развој. На присутните тој им ја претстави својата приказна и промените низ кои минувал во својата кариера.

“Македонија ја промени мојата кариера и го промени мојот живот на подобро. Во кризниот период за Македонија, 2001 година, работев во западниот дел на земјата, развивав бизнис планови за мали и средни претпријатија. Иако мојата плата беше 90% пониска, никогаш не бев посреќен. Се обидов да изградам бизнис внатре во бизнисот, бизнис со цел. Напредокот може да се поттикне и на индивидуално ниво, кај секој вработен“, раскажа Булок.

Познатиот претприемач вели дека корпоративната одговорност повеќе не е доволна за решавање на ваквите проблеми. Новиот бизнис пристап треба да постави баланс меѓу луѓето, планетата и профитот.
“Како можеме да заземеме целосна општествено – економска моќ и влијание за бизнисот? За бизнисот, моќта мора да дојде со одговорност. Трите најголеми компании во светот имаат поголем капитал од  100-те најсиромашни земји. Можете ли да замислите какво влијание ќе имаме ако ги направиме овие компании да придонесат за општеството? Општествените проблеми  можат да бидат нови бизнис можности. Ако бизнисот се вклучи во прифаќањето на овие предизвици, тоа може да биде голем исчекор“, порача Булок.

Тој нагласи дека корпоративната одговорност се заменува со меѓусекторско приближување, и дека хибридните бизнис модели се ран показател за новиот, четврт сектор.

“За искоренување на сиромаштијата и намалување на социјалните ризици клучно е да имаме партнерство меѓу бизнис заедницата, граѓанскиот сектор и институциите кои што им служат на граѓаните“, рече и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Форумот на добри компании, насловен Партнерства за општествен импакт, е во организација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој Паблик, а во соработка со Амбасадата на Кралството Холандија во Македонија, Европската банка за обнова и развој, со Агенцијата Холистик и со Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп.

На учесниците на Форумот им беше понудено и членство во платформата за добри чекори Триаголник, која понатаму ќе го дава својот придонес во градењето подобро општество.

email