ariljemetalТрајан Ангелоски, заменик директор, Маријана Ангелоска, заменик директор, Ариљеметал

Компанијата Ариљеметал, под водство на фамилијата Ангелоски, е една од ретките на Балканот која се занимава со трговија, производство и развој на сврзувачки елементи со врвен квалитет, според најстроги стандарди. Нивниот квалитет е широко препознаен и добитници се на повеќе награди, меѓу кои Best Brand во машинската индустрија за 2015 година, The European Business Awards 2015/2016, наградата за најдобар квалитет од Сојузот на стопански комори и претседателот на Република Македонија.

Основана е во јуни 1992 година од сопственикот и директор Богослав Ангелоски и неговата сопруга Драга Ангелоска, а сега семејниот бизнис го водат заедно со децата Трајан и Маријана. Трајан Ангелоски, како заменик директор е одговорен за извоз, комерцијално работење, развој на нови производи и маркетинг. Маријана Ангелоска, која во 2014 година ја доби наградата за најуспешна жена менаџер во 2013, е одговорна за финансиите, правните работи, целокупната внатрешна организација, човечки ресурси.

“Се работи за наша одлука, дека сакаме да работиме тимски. Зошто тимски? Затоа што сметаме дека заедно можеме да постигнеме многу повеќе отколку да работиме индивидуално. Ние сме брат и сестра, татко ни ја основал оваа фирма. Со Маријана одлучивме да го продолжиме овој пат и да се обидеме да постигнеме подобри резултати од тие што ги постигнал нашиот татко. Во бизнисот се појавуваат проблеми од разноразен карактер, меѓутоа доколку се насочи енергијата во вистински правец, мислам дека резултатите можат да дојдат и во Македонија, споредувано со големите европски земји. Ние се трудиме да ја направиме нашата работа со многу позитивна енергија и најдобро што можеме. За нашата работа добиваме награди, што не ни е првенствена цел, но кога некој од страна ќе те препознае и ќе ја вреднува твојата работа, тогаш ти е особено драго. Меѓутоа, на крајот на денот, највредната награда ја добиваме од нашите купувачи. Имаме константен раст сите овие години, кој се движи меѓу 10%, 20%, во одредени години и над 20%. Растеме по сите основи, и во однос на човечките ресурси, во однос на опремата, во однос на инфраструктурата потребна за функционирање на работата, се развиваме во позитивен правец и задоволни сме”, вели Трајан Ангелоски.

a4

БИ: За што се користат вашите производи?

Би рекол дека првенствено индустријата е краен корисник. Кога велам индустријата, мислам на тешката индустрија, како термоелектрани, железари, големи инфраструктурни објекти итн. Се употребуваат во одредена лесна индустрија, па и во градежништво.

БИ: Живееме во многу динамично време. Колку брзо се менуваат работите во вашата индустрија?

Константно следиме што се случува во светот, ги посетуваме сите светски саеми, од Токио до Лос Анџелес. Тоа се специјализирани саеми од оваа област каде што се претставуваат производи што се наменети за тесен круг корисници. Учествувавме на саемот за сврзувачки елементи во Германија, во Штутгарт, каде бевме единствена македонска фирма и повторно ќе одиме следната година. Знаеме како истава оваа работа се прави во светот и благодарение на тоа знаеме како да го спакуваме крајниот производ. Се наоѓаме во една специфична област која не е широко распространета, која не е општо препознаена кај народот, меѓутоа во техничката област мислам дека имаме заземено високо место и во нашата земја и надвор од неа. Во Европа сме во кругот на 20-25 фирми што работат во оваа област.

a5

БИ: Постојаното држење на чекор со времето и конкуренцијата значи и проширување на асортиманот и инвестирање…

Асортиманот константно се проширува, има специјални екипа на луѓе во нашата фирма која се занимава со развој на нови производи. Тоа е постојан процес, бидејќи секогаш во бизнисот имате одреден дел од производите што се менува: се трансформира формата од еден облик во друг или можеби одредени производи почнуваат помалку да се користат, па затоа морате на некој начин да ги замените со некој друг тип на производи. Постојано се инвестира и во нови машини. Тоа е борба како и во спортот. Постојано ви требаат нови, свежи играчи, квалитетни играчи, квалитетни машини, квалитетна опрема, опрема која ќе биде на ниво на највисоките светски стандарди затоа што било кој ваш купец, било каде, прво нешто што ќе ве праша е каква ви е опремата. Во план ни е една голема инвестиција од неколку милиони евра во следните неколку години. Планираме проширување за скоро 100% на постоечките инфраструктурни објекти. Планираме зголемување и на извозните потенцијали, меѓутоа за реализација на сите наши планови, првенствено зависиме од човечкиот потенцијал. Можеме да замислиме многу работи, но сепак на крајот на денот сите тие работи мораме да ги оствариме со помош на квалитетни луѓе. Најголемиот дел од успехот во работењето во последно време го гледам исклучиво во тој микро микросегмент кој сите го занемаруваат, а на крајот на денот тој победува. Сето останато можете да го обезбедите, меѓутоа човечкиот ресурс е најважен. Од секогаш сме вложувале во кадарот, а во последните неколку години тоа вложување е поинтензивно. Го зголемивме бројот на вработени и многу вложуваме во нивната едукација. Инвестираме во целиот кадар, од менаџер до магационер.

a2

БИ: Повеќе од 10 години функционирате и во Србија, преку вашата фирма таму. Планирате да отворате нови канцеларии во друга земја, да се ширите на нови пазари?

И да сте присутен на некој пазар, тие се толку големи, што никогаш не сте доволно присутни. Се трудиме да ја зајакнеме позицијата во регионот, се трудиме да ја зајакнеме нашата позиција во Европа. Со фирмата во Србија оваа година ќе ја завршиме некаде со 60% раст во однос на претходната година. Со македонската фирма покриваме неколку земји со извоз – Косово, Албанија, Германија, Италија, а преку Србија го покриваме Црна Гора, БиХ, Хрватска. Можно е да отвориме фирма и во Софија. Сметам дека во регионот спаѓаме меѓу најреспектабилните фирми во оваа област. Но, секогаш постои можност за повеќе.

email