Виктор Кошевалиски, сопственик и главен уредник на Авто Плус

Магазинот Авто Плус оваа година прославува четвртина век постоење. По тој повод, но и за други интересни теми поврзани со списанието, машкиот магазин М магазин разговаравме во Виктор Кошевалиски, сопственик и главен уредник на медиумот.

БИ: Авто Плус е магазин што прославува 25 години. Дали може да направите една кратка ретроспектива од почетоците до денес?

Годината 1993 одбележува време на една издавачка куќа со многу изданија, во чие присуство се водело како „ненормално“ да се помисли за приватен весник т.е. списание. Така била окарактеризирана идејата на Томислав Биљарац, основачот на Авто Плус, кој сепак го сторил тоа… и 25 години подоцна, сè уште сме со полна брзина напред.

Патот помеѓу е трнлив, но и убав, како и во животот. Почетокот во времето кога увозници на возила и немало, верувам дека бил најтежок како и пред неколку години кога увозниците без малку ги снема. Сепак, Авто Плус и Томби помогнал во почетоците да се постави македонскиот автомобилски пазар, ние сега се трудиме да опстои, да ги промовираме новите технологии, електричните возила веќе 5 – 6 години ги промовираме во соработка со Град Скопје и резултатите се видливи…

Секое време со свои предизвици!

Тимот на Авто Плус со Славче Таневски, македонски дизајнер на екстериер кој работи во Mercedes и ги потпишува некои од последните дизајни како GLC

БИ: Кои се главните предизвици со коишто се соочувате, имајќи предвид дека станува збор за специјализирано списание со таргет група?

Одлуките кои не можеме да ги контролираме се најголем предизвик. Одлуката за увоз на (пра)стари автомобили е предизвикот кој по големина го надминува оној на дигиталното време и кризата во индустријата. Ние се адаптиравме на времето почнувајќи со веб порталот пред 12 години и со емисијата пред пет, но не можеме ништо со падот на интересот на луѓето за нов автомобил. Одржувањето на давачките за новите високо ниво, а на старите на ниско ниво, го одвлече вниманието од нашите медиуми (да не се повторуваме каков удар беше на безбедноста во сообраќајот и квалитетот на воздухот). Многу малку луѓе ги пратат новите модели и новите достигнувања, не само во авто индустријата, туку воопшто. Бидејќи ние знаеме сè, нели?! … И не го прифаќам коментарот дека цените на автомобилите се сега повисоки, а луѓето посиромашни од пред 10-тина години; само по размазени.

Флавио Манцони – главен дизајнер на Ferrari, на патеката на партнерот на Авто Плус, Quattroruote крај Милано

БИ: Зад Вас се успешни 25 години, во која насока планирате да го “возите“ списанието во следните 25 😊?

За жал, списанието во моментов не е во формата со која одбележа четврт век постоење, но имам желба тоа да се случи повторно. Нашите партнери од Quattroruote (едно од најголемите глобални авто списанија) постојано нè прашуваат зошто државата не ни дава поддршка за да опстоиме, но јас немам одговор. Печатените медиуми немаат завршено со пишување на историјата, а тоа го покажуваат и истражувањата. Светските брендови сè уште бараат „клипинг“, а тоа е знак дека ја вреднуваат нашата работа (за разлика од нашите). Ние продолжуваме напред со полна брзина, па кој е спремен да прати нека повели.

БИ: Дали возачите во Македонија имаат вкус за добар автомобил и што им е најважно кога купуваат?

Најголемиот број на луѓе не. Кризата ги научи луѓето да бркаат попусти, не понуди. Она што не ги пратат новитетите и паѓаат на стереотипи ги ограничува да возат навистина добри автомобили. Сè поголема е групата на квалитетни марки кои се дистанцирани од купувачите поради земјата од која потекнуваат или формата на знакот. Луѓето ја занемаруваат реалната потреба, безбедноста и нивната можност подоцна редовно да го одржуваат возилото и купуваат најчесто стар предимензиониран автомобил на кој не можат ни пневматици да му заменат, а камоли клучен дел.

БИ: Може ли Скопје да стане град пример за добра сообраќајна култура? Што му недостасува?

Ќотекот 🙂 … кој од рајот потекнал. Немањето на контрола и кој да те „укори“ им дава на повеќето возачи слобода да прават што сакаат. Најнапредните држави во светот, културата во возењето кај народот ја „произведуваат“ со контрола и казни, а кај интелигенцијата со социјалниот суд. Кај нас никој не се плаши од социјалниот суд (кој треба да е одраз на општа култура), така да… Контролата не треба да е сезонска активност, а казните само за „20 км/час повеќе од дозволеното“ и Пајак во пет улици во градот. Треба да е секој ден, секаде и за сите неправилности. Тогаш ќе почне сообраќајната култура да постои, а дали ќе доживееме да видиме…

БИ: Освен Авто Плус, скоро една година го издавате и првиот машки магазин во земјава М магазин. Какви содржини може да ги привлечат мажите за да го земат магазинот и да го читаат секој месец?

Машки Магазин или М магазин се појави од потребата да им се посвети еден медиум и на мажите. Знаеме дека со години постојат списанија за жените, а ниедно кое ќе понуди теми за животниот стил на мажите. Мода и модни совети, фитнес и здравје, интервјуа со успешни мажи, но и жени(од машки агол), спорт, интересни стории и патувања, како и секако сè што се тркала се дел од содржините. Мажите веќе не се само мачо набилдани балканци, туку сè повеќе се трансформираат во софистицирани светски типчиња. Подобрувањето на квалитетот на мажите во Македонија е нашата цел.

Дали машката публика има посебни барања и колку е подготвена да направи компромис за да го промени својот стил?

Мажите кај нас не се веќе толку „неандерталци“ како на времето. Сè повеќе мажи внимаваат на својот изглед, што од тело, па облека, до менталниот и духовен изглед, впечаток. Примерите се малку, но се појавуваат сè повеќе. А ние сме тука да ги покажеме на другите, за да научат, да мрднат чекор понапред. Времето ќе покаже дали сме биле во право.