Хартиите од вредност на Комерцијална банка, Алкалоид и Макпетрол се топ три најтргувани на официјалниот пазар на Македонска берза, покажува Месечниот статистички билтен.

Најголем дел од прометот зафаќаат акциите на Комерцијална банка со 284 трансакции и 29,56% учество, додека на фармацевтскиот гигант се реализирани 208 трансакции или 24,17% од вкупниот промет на официјалниот пазар. Трети се акциите на Макпетрол со 152 трансакции и 11,46% учество во вкупниот промет.

Најголем пораст во текот на јануари забележаа акциите на: Арцелормиттал Скопје ХРМ (40%), Арцелормиттал Скопје ЦРМ (31,09%), Макошпед (23,60%), Окта (22,03%) и Фруктал Мак (19%).

Од друга страна, најголемо опаѓање има кај: Макотекс (-60%), Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (-9,37%), Благој Ѓорев (-5,26%) и Осигурување Македонија АД Скопје – Виена Иншуренс Груп (-3,23%).

Пазарната капитализација во првиот месец од оваа година достигна вредност од 169.213.575.497 денари или 4,34% повеќе во однос на претходниот месец. Прометот се позиционираше на 489.310.274 денари, што е за 24,63% помалку во однос на декември лани. Кај вкупниот број на трансакции (1.311) има намалување од 7,09% во споредба со декември 2018 година. Индексот МБИ 10 на крајот на јануари достигна 3.617,84 поени, односно 4,29% повеќе во однос на декември лани.