Apple ќе формира фонд од 300 милиони долари, заедно со десет свои добавувачи, со цел парите да се инвестираат во обновливи извори на енергија во Кина во текот на следните четири години, пишува Business Insider.

Фондот е наречен China Clean Energy Fund, а ќе биде управуван од DWS Group, групација која управува и со средствата на Deutsche Bank.

Идејата е фондот да инвестира во нови енергетски генератори, и на тој начин компаниите кои работат со Apple, односно нејзините добавувачи, да имаат подобар пристап до обновливи извори на енергија. Проектите во кои ќе се инвестира ќе бидат со капацитет поголем од еден гигават, а ќе опфаќаат како соларни панели, така и турбини на ветер. Фондот првично ќе им помага на помалите компании што работат за Apple и коишто не се моќни сами да обезбедат средства за инвестиции од ваков вид.

Apple претходно оваа година објави дека ќе настојува неговите добавувачи да преминат на 100% обновлива енергија. Тоа го покажа и преку сопствен пример во април годинава, кога своите капацитети целосно ги пренасочи на извори на обновлива енергија, вклучувајќи го и седиштето на компанјата, Apple Park, кој има соларни панели на покривот со капацитет од 17 мегавати.

Компанијата не прецизираше колку пари ќе внесе во фондот, ниту пак, со колку ќе учествуваат останатите инвеститори. Објавени се само имињата на компаниите добавувачи на Apple кои ќе инвестираат во фондот, а то се: Catcher Technology, Compal Electronics, Corning Incorporated, Golden Arrow, Jabil, Luxshare-ICT, Pegatron, Solvay, Sunway Communication, Wistron.

Фото: Pixabay