Германскиот производител на автомобили, Audi претстави автономен, електричен автомобил којшто доаѓа со вештачка интелигенција. Освен технологијата, компанијата во својот најнов производ имплементираше и природен елемент – живи растенија коишто се наоѓаат на покривот од возилото.

Според производителот Audi, AI системите се “способни за учење и размислување, проактивни се и персонални“ и благодарение на вештачката интелигенција ќе бидат паметни и ќе имаат “способност“ за емпатија. Постојано ќе бидат во интеракција со нивното опкружување и патниците и ќе можат подобро да се приспособат на нивните потреби.

Подигнатите предни светла ќе се користат за алармирање на останатите возачи и пешаци за присуство на автомобилот, наместо за осветлување на патот.

Наместо педали, Audi AI:ME ќе има наслонувачи за нозе, а фокусот на целиот ентериер ќе биде ставен на комфорот на патниците. Автомобилот ќе има и 3D екран како и VR очила за гледање на филмови, играње на интерактивни игри, дополнето со висококвалитетен аудио систем и ентериер што ја блокира надворешната бучава.

Растенијата што ќе бидат на покривот, според Audi, ќе придонесат и за почист воздух во возилото.

Фото: Audi