Хонг Конг е најскапиот град за живот за странските работници оваа година, покажува најновото истражување на консултатската компанија Mercer.

Како што стои во истражувањето на Mercer, Хонг Конг го поминал главниот град на Ангола, Луанда, којшто, пак, годинава е позициониран на шестото место заради падот на цената на недвижностите.

На второ место е Токио, а потоа следат Цирих, Сингапур и Сеул, што значи дека четири од петте најскапи градови за странските работници во светот се азиски.

Покрај Цирих, најскапи европски градови се уште два швајцарски, и тоа Берн на десетото и Женева на 11-то место. Воопштено скокот на западноевропските градови на листата “најскапи“ е заради поорастот на трошоците за живот и наемнината за становите, коешто посебно е изразено во Германија. Така Франкфурт (68) и Берлин (71) од лани наваму се искачиле за 49 места, а Минхен којшто сега е позициониран на 57 место, имал напредок од 41 место.

Лондон од лани напредувал 10 места и сега е 19-ти, додека Париз е 34-ти, со скок од 28 места. Италијанската метропола Рим е на 46-тото место, додека австриската е 39-та. Овие два главни града лани биле позиционирани за 34, односно 39 места подолу на листата.

Најскап кинески град е Шангај којшто се наоѓа на седмото место, а потоа следи Пекинг на осмото. Аналитичарите сметаат дека силната кинеска монетарна регулација, одличната економија и обидите кинескиот јуан да стане меѓународна јака валута ги подигнаа кинеските градови виоско на листата.

Тел Авив (16) е најскапиот град на Блискиот исток за странските работници, а по него следат Дубаи (26), Абу Даби (40) и Ријад (45). Во САД најскапиот град, Њујорк бележи пад од четири места во однос на минатогодишното рангирање, и сега е 13-ти, а потоа следат Сан Франциско (28) и Лос Анџелес (35), кои имаат пад за 7 односно 12 места, додека, пак, градот на ветровите, Чикаго, годинава е 12 места подолу, односно на 51-вото место.

Во Централна и Источна Европа, најскапа е Љубљана (132), а најефтин е Скопје (197). Останатите метрополи се некаде помеѓу и тоа: Будимпешта (151), Тирана (172), Софија (175), Букурешт (176) и Белград (181).

Најефтиниот град за странските работници е Ташкент којшто го зазема последното 209 место.

За потребите на своите истражувања реномираната консултантска куќа Mercer истражува преку 200 различни ставки на секоја локација, вклучувајќи ги сместувањето, транспортот, облеката, храната, забавата, па дури ги споредува и цените на кино билетите, на еден пар фармерки, шише литар вода, една шолја кафе, литар бензин или млеко итн.

Фото: Pixabay