Фото: Facebook

Green Square Library and Plaza е заеднички проект на дизајнерското студио Stewart Hollenstein од Сиднеј и архитектонската компанија Stewart Architecture.

Се состои од библиотека којашто е половично под земја, а над неа се простира плоштад. Благодарение на големиот број на прозорци, просторијата е природно осветлена за време на денот со што се заштедува енергија. Освен тоа, библиотеката користи специјален систем за вентилација со ниска потрошувачка на енергија, пишува Inhabitat.

Во срцето на објектот се наоѓа и кружна градина што дополнително ја разубавува градбата. На плоштадот се наоѓа и зграда на шест ката, којашто вклучува соба за читање на две нивоа, компјутерска лабораторија, театар, музичка соба и простор за одмор.

На другиот крај на плоштадот, пак, има амфитеатар, а четирите различни зони се поврзани со 49 кружни прозорци, додека остатокот од плоштадот е отворен за разни настани или игри.

Креативноста и еколошкиот пристап му донесе и прво место на овој проект на глобалниот натпревар за дизајн. Особено важно е што плоштадот е дизајниран да управува со истекувањето на атмосферските води и да ја собере дождовницата за повторна употреба во библиотеката.