Во обид да го поттикне екотуризмот за милиони туристи кои ги посетуваат Обединетите Арапски Емирати секоја година, земјата официјално го започна проектот Biodomes, во кој ќе бидат прикажани прекрасни био-домови дизајнирани од архитектонското студио Baharash Architecture, пишува Inhabitat.

Овие еколошки ресорти коишто ќе бидат лоцирани во источниот планински регион на ОАЕ, ќе бидат самоодржливи, користејќи 100% обновлива енергија и со минимално влијание врз околината. Идејата за овој проект впрочем е да се подигне свеста и да се промовира биодиверзитетот во планинскиот регион.

Био-домовите ќе обезбедат контролирано опкружување, слично на она на стаклена градина, и комплетно ќе го пресликува околното природно подрачје.

Овие самоодржливи структури се изработени од префабрикувани компоненти, се со цел да се намали било какво нарушување на природната убавина на локацијата,. Покрај користењето на 100% обновлива енергија, ќе се користи и рециклирана отпадна вода за наводнување и управување со отпадот на терен.

Посетителите на био-домовите ќе имаат можност да вкусат и локална органска кујна во рамки на ресторанот којшто е лоциран на самото место. А освен “биоклимата“ во био-домовите, на посетителите ќе им се овозможат и термални и терпевтски пакети за уживање, како и активности базирани на природа и екотуризам – јавање на коњи, пешачење, екскурзии на камили, планински велосипедизам, параглајдерство итн.

Фото: Baharash Architecture