“Ако не сте подготвени да поднесете загуба и негативен исход од вашата инвестиција, тогаш не можете да бидете бизнис ангел“.

Ова беше пораката што ја сподели Арон Браун, бизнис ангел од Швајцарија, на вчерашната презентација во просториите на ЦЕЕД Хаб Скопје. Тој пред присутните македонски претприемачи и менаџери го сподели своето искуство како претприемач и инвеститор и објасни што точно значи да се биде бизнис ангел.

Презентацијата ја отвори регионалниот директор на ЦЕЕД за Македонија, Србија, Албанија, БиХ и Молдавија, Јован Маџовски, кој зборуваше за ЦЕЕД клубот на бизнис ангели, но и за потребата од ширење и формирање на законски регулирана мрежа од ваков тип на инвеститори.

Браун меѓу другото ги нагласи и останатите причини што ги тераат сопствениците на успешни компании да станат бизнис ангели. Тука беа потенцирани желбата за повторно доживување на ветувачкиот почеток што се јавува кај сите стартапи, желбата за учење, за сретнување на нови луѓе, за поддршка на добри и интересни идеи и секако добивката.

Потоа следуваше и pitching, односно презентација на четири бизнис идеи од различни индустрии: ИТ, образование и виртуелна реалност.

Настанот беше во организација на ЦЕЕД Македонија и Швајцарската програма за претприемништво (#SwissEP), поддржана од Владата на Швајцарија и имплементирана од Swisscontact, со поддршка од Министерството за економија.