Бруто-домашниот производ (БДП) во првото тромесечје од 2018 година пораснал за 0,1%, се вели во соопштението објавено од Државниот завод за статистика (ДЗС).

Според податоци на ДЗС најголем пораст од 12,1% е забележан во секторите Уметност, забава и
рекреација, Други услужни дејности, Дејности на домаќинствата како работодавачи и дејности на домаќинствата кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби. Во секторите Трговија на големо и трговија на мало, поправка на моторни возила и мотоцикли, Транспорт и складирање, Објекти за сместување и сервисни дејности со храна порастот е 10,5 %, додека, пак, секторите Стручни, научни и технички дејности и Административни и помошни услужни дејности имаат раст од 8,5%.

Финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, во првото тримесечје од 2018 година, номинално расте за 4,0 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 64,3 %.

Во истиот период, извозот на стоки и на услуги номинално се зголеми за 10,4 %, а увозот на стоки и на услуги забележа зголемување во номинален износ од 9,1 %.