Фото: UCLA

Тим научници од универзитетот UCLA развија иновативна апликација којашто може да го идентификува бебешкиот плач и да помогне во декодирањето на причината за истиот, пишува New Atlas.

Апликацијата се вика Chatterbaby и првично е развиена за да им помогне на родители кои имаат оштетување на слухот, со цел да распознаат дали бебето плаче или само прави погласни звуци. Далечинските монитори за бучава, на пример, не може да разликуваат крик на вознемиреност, и бебе кое е само погласно од вообичаено.

Chatterbaby има функција и да го категоризира плачот, односно да покаже дали бебето плаче од глад, од болка или едноставно е вознемирено.

Тестирањето на апликацијата е направено на повеќе од 2.000 случаи на бебешки плач и констатирано е дека во 90% од случаите идентификувањето на плачот поради болка било успешно, додека системот има мали потешкотии во разграничувањето на плачењето поради глад, односно вознемиреност.

И бидејќи не секое бебе комуницира на ист начин, апликацијата вклучува персонализација којашто на корисниците им овозможува едноставно да снимаат видео со плач од своето бебе и ваквите аудио снимки да ги постават на серверот на UCLA, како би се оптимизирала точноста на идните предвидувања на апликацијата.

Понатаму ваквата банка на “бебешки плачови”, научниците планираат да ја искористат за проучување на невроразвојни нарушувања кај децата токму преку абнормални вокализации. Тие сметаат дека дури и аутизмот може да се идентификува преку специфичен вид на плач уште додека се мали бебиња.