Компанијата Coinbase, со седиште во Сан Франциско, Калифорнија претстави Visa дебитна картичка преку којашто може да се плаќа со крипто валути. Картичките се наменети за корисниците од Велика Британија и  ЕУ.

Тие ќе овозможат плаќање со сите крипто валути присутни на пазарот како биткоин, етериум, лајткоин и други на ист начин како плаќање со пари од банкарска сметка.Coinbase автоматски ќе ја претвори криптовалутата во фиат валута кога клиентите ќе ја комплетираат трансакцијата со дебитната картичка.

На овој начин ќе може да се плаќа за секојдневните потреби како храна, разни нарачки, авиобилети и слично.

Компанијата, исто така, претстави и апликација за картичката, којашто е компатибилна со Android и iOS оперативни системи. Таа ќе им овозможи на корисниците да изберат која крипто валута ќе ја користат од својот “дигитален паричник“.

Апликацијата, исто така, нуди и инстант потврди, резиме на трансакции и категории на трошење. Издавач на  Crypto Visa картичките е PaySafe, онлајн платежна компанија од Велика Британија.

Фото: Coinbase