Фото: Pixabay

Трговскиот дефицит, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 1.811.119.000 евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Македонија, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 5.860.827.000 евра и бележи пораст од 17% во однос на истиот период од претходната  година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7.671.946.000 евра, што е за 12,4% повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари − декември 2018 година, изнесува 76,4%.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и моторните возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел).

Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав.

Во периодот јануари − декември 2018 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Грција, Велика Британија, Србија и Бугарија.