Индексот на трошоците на животот во јули 2018 година, во однос на претходниот месец, изнесува 99,7, додека, пак, индексот на цените на мало изнесува 100,4 индексни поени, објави Државниот завод за статистика.

Намалување на индексите на трошоците на животот во јули 2018 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежиот и разладениот зеленчук, освен компирот и другите коренести плодови, за 12,0 %, свежото и разладеното овошје за 2,3 %, маслото и маснотиите за 1,1%, другите пекарски производи за 0,6 %, итн.

Исто така, намалување на индексите на трошоците на животот е забележано и кај отпадната вода за 6,2 %,
фотографската и кинематографската опрема и оптичките инструменти за 5,9 %, течните горива за домаќинствата за1,7 %, информатичката опрема за 1,5 %, и др.

Индексите на трошоците на животот во јули 2018 година, во споредба со претходниот месец, бележат пораст кај сувото овошје и јаткастите производи за 0,9 %, јогуртот (0,6 %), свежата и разладената риба (0,5 %), сушеното, соленото и чаденото месо, јајцата и цигарите (0,4 %), сушениот зеленчук, другиот конзервиран и преработен зеленчук (0,3 %), житата, замрзнатото овошје и другите прехранбени производи за 0,2 %.

Во јули 2018 година, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај авионскиот превоз на патници (16,1 %), туристичките пакет-аранжмани (6,5 %), услугите за сместување (3,4 %), патниот сообраќај (1,6 %) итн.

Инаку, индексот на трошоците на животот во јули годинава, во споредба со јули минатата, забележа пораст од 1,7 %, а индексот на цените на мало пораснаа за 3,3 %.

Фото: Pixabay