Претседателот на Управниот одбор и генерален директор на Eлектрани на Македонија, д-р Драган Миновски, и директорот на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски, ги доделија договорите за стипендии на дванаесет студенти од Техничкиот факултет во Битола, се вели во соопштението.

Станува збор за студенти од прва, втора и трета година кои веќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, а правото го стекнале со исполнувањето на критериумите предвидени во договорот, односно задржале просек не помал од 8 (осум).

“АД Електрани на Македонија, како општествено одговорна компанија, сака да вложува во младите луѓе, сака да помогне во продуцирањето кадар, особено од областа на техничките науки, електротехниката и информациските технологии, како и од други области кои се барани во стопанството и на кои во иднина уште повеќе ќе почива индустријата и целата економија“, рече д-р Драган Миновски.

Миновски потенцира дека АД ЕЛЕМ се залага да им се даде до знаење на младите дека за нив има иднина во Македонија и дека институциите знаат да препознаат и да поддржат амбициозни и подготвени студенти, кои за себе имаат визија да дадат свој придонес во професијата и да го дадат најдоброто од себе кога ќе се вклучат во работниот процес.

Директорот на РЕК Битола, м-р Васко Ковачевски изрази задоволство од фактот што АД ЕЛЕМ продолжува до поддршката на студенти кои наскоро можеби ќе бидат дел од колективот на Рударско – енергетскиот комбинат Битола.

“Нема дилема дека иднината останува на младите, а се надевам дека студенти кои добиле или ќе добијат стипендија од Електрани на Македонија, ќе бидат светлата иднина на најголемиот прозиводител на електрина енергија во земјава – РЕК Битола. Ги охрабрувам студентите на Техничкиот факултет во Битола кои користат или ќе користат стипендии од АД ЕЛЕМ, да не штедат напори во стекнувањето знаења. Уште поважно, ги повикувам тие знаења да се обидат да ги стават во функција на развојот на македонскиот енергетски сектор, и тука, во РЕК Битола да најдат своја егзистенција“, порача Ковачевски на доделувањето на стипендиите.

Од Техничкиот факултет Битола изразија задоволство од односот што институцијата го има со Електрани на Македонија, благодарност за поддршката и надеж дека соработката во иднина уште повеќе ќе се продлабочува.

Техничкиот факултет Битола врз основа на одлука на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ, на 25 јуни распиша конкурс за доделување на пет нови стипендии за студенти од Техничкиот факултет запишани првпат, во I-ва година во учебната 2017/2018 година.

АД ЕЛЕМ секоја година доделува по 25 стипендии за новозапишани студенти во прва година на пет државни факултети во Македонија.