Фото: Pixabay

Како растат температурите надвор, така почнуваме да размислуваме како да го разладиме домот, а за тоа да не потрошиме цело богатство. За да може домот и во најжешките денови да биде пријатно место за престој на целото семејство, овие совети може да ви бидат од голема корист.

Доколку сте во фаза на градење или избор на сопствен дом, важно прашање на кое треба да добиете одговор од градежниците е дали објектот има добра изолација. Добро е познато дека поставената изолација го штити домот од губење топлина во зимскиот период, а не дозволува продирање на топлиот воздух во лето. Се смета дека добрата и квалитетна изолација, ги намалува трошоците за ладење и греење за околу 20%.

Бојата на покривот на објектот, исто така, игра важна улога во загревање на просторот во текот на летото. Затоа, доколку имате можност, изберете посветла боја за да не ги привлекува сончевите зраци, што дополнително ја зголемуваат температурата во внатрешноста.

Погрижете се околината околу вас да биде “обоена“ во зелена боја. Тоа значи повеќе дрвја, растенија, грмушки, цвеќиња… коишто, освен естетскиот изглед, ќе придонесат за разладување на воздухот во летните жешки денови.

Одберете соодветен клима уред, што ќе понуди разладување на просторот согласно моќноста, но обрнете внимание и на тоа да биде енергетски ефикасен.