Основачот на Facebook, Марк Цукерберг изјави дека двајца директори ја напуштаат компанијата. Технолошкиот гигант останува без одговорниот за производи, Крис Кокс и директорот на WhatsApp, Крис Даниелс.

Кокс се приклучи кон технолошкиот гигант во 2005 година, една година по неговото основање, а Даниелс беше на одговорната позиција малку повеќе од една година, пишува BBC.

Овие промени доаѓаат кратко по објавата на Цукерберг дека планира да го трансформира Facebook во “платформа фокусирана на приватноста“. Неделава социјалната мрежа и нејзините платформи WhatsApp и Instagram не функционираа неколку часови, а од Facebook се огласија дека се работело за “промена на конфигурацијата на серверот“.

Кокс, инаку близок соработник на Цукерберг, ја започна својата кариера во компанијата како софтверски инженер и помагаше во развојот на неколку клучни работи како, на пример, News Feed.

Даниелс беше веднаш назначен како директор на Whatsapp, по петгодишната работа во Internet.org, иницијатива за воспоставување интернет конекција во целиот свет.

Фото: Pixabay