Димитар Ангелкоски, оперативен менаџер во финансиското друштво за факторинг Фактор Труст ДООЕЛ

Факторингот како алтернативен начин на финансирање овозможува висок раст, побрз пристап до ликвиден капитал, пократок процес за апликација и одобрување, како и подобра финансиска позиција на компанијата. Ова, меѓу другото, го истакнува Димитар Ангелкоски, оперативен менаџер во финансиското друштво за факторинг Фактор Труст ДООЕЛ, во интервјуто за Бизнис Инфо.

БИ: Фактор Труст постои осум години. Кои поважни активности и резултати може да се одвојат за овој временски период?

Финансиското друштво за факторинг Фактор Труст ДООЕЛ Скопје е основано во 2010 година, како друштво чија што главна цел е да понуди нови финансиски продукти на пазарот. Преку нашите  производи обезбедуваме подобро управување со паричните текови и поддршка при продажбата и развојот на компаниите.

Во 2013 година склучивме договор за стратешко партнерство со Advance Global Capital, меѓународен фонд со седиште во Лондон. Заедно обезбедуваме специјализирани финансиски продукти чија цел е поддржување на растот на малите и средни компании, овозможувајќи отворање на нови работни места и зголемување на капиталот во локалните заедници.

Со поддршка на УСАИД, во октомври 2017 година ни е одобрен тригодишен проект “Факторинг за економски развој”, преку кој веќе едена година активно вршиме промоција на факторингот, со цел зголемување на конкурентноста на малите и средни претпријатија во Македонија и проширување на нивните пазарни можности преку искористување на алтернативните извори на финансирање.

БИ: Што претставува факторингот и кои видови на факторинг ги нудите?

Факторинг е финансиска трансакција кога една компанија ги продава своите краткорочни недоспеани побарувања (фактури) во земјата или странство за одреден дисконт, а воедно паричните средства што ги добива во замена ги користи за финансирање на бизнисот. Факторингот вклучува продажба на побарувањата и нивна конверзија во готовина, што значи подобрена ликвидност без појава на зголемено задолжување во билансите.

Домашен факторинг

Домашниот факторинг е финансиска трансакција при која откупуваме недоспеани краткорочни побарувања од  домашни купувачи.

Домашниот факторинг е најкорисен за компании кои ги продаваат своите производи на одложено плаќање, додека пак истовремено се обврзани авансно или пак на кратки рокови да плаќаат за репро материјалите кои тие ги користат во процесот на производството.

Извозен факторинг

Извозниот факторинг е производ наменет за македонските извозници кои имаат побарувања од странски купувачи, настанати како резултат на остварен извоз на стоки и услуги.

Увозен факторинг

Увозниот факторинг е наменет за странските компании коишто ги извезуваат своите производи во Македонија.

Увозниот факторинг е начин на којшто компаниите кои извезуваат во Македонија можат да го намалат ризикот за наплата од македонските компании така што ќе добијат предвремено плаќање за испорачаната стока од страна на ФД Фактор Труст, со што ќе имаат можност да ја зголемат нивната продажба на македонски компании.

Supply chain finance

ФД Фактор Труст во соработка со Advance Global Capital, нуди специјализирани решенија за финансирање на добавувачкиот ланец на големите компании.

“Supply chain finance“ е финансиски инструмент којшто овозможува интегрирано финансирање на процесот на набавка на купувачот. ФД Фактор Труст,  за одреден дисконт, откупува недоспеани фактури издадени од страна на домашни мали и средни претпријатија (добавувачи) кои продаваат на големи компании со добар кредитен рејтинг, при што ФД Фактор Труст ќе му овозможи на купувачот рокови на плаќање до 120 дена.

Предностите на овој метод на финансирање за купувачот вклучуваат зголемени денови на плаќање што дополнително ја зголемуваат ликвидноста, подобри услови за преговарање со добавувачите како и  подобрување на репутацијата кај сите соработници.

БИ: Кои услови треба да ги исполни компанијата што сака да ги откупи своите побарувања?

Најнапред вршиме проценка на кредитната способност на потенцијалните клиенти и на нивните должници пред да одобриме револвинг лимит, на чија основа клиентите ќе можат да ни ги продаваат нивните побарувањата во рамките на одобрениот лимит.

Што се однесува до условите за факторинг, за секоја фактура што ни ја продаваат исплаќаме помеѓу 70 – 90% од нејзиниот износ. Парите се исплаќаат  директно на сметката на продавачот, а останатиот дел од износот се уплаќа по извршената уплата од страна на купувачот.

Цената на факторинг услугата вклучува факторинг провизија и камата.

Потребни ни се детални информации за поединечна пресметка, пред да можеме да им дадеме ценовна понуда на нашите клиенти. Условите најчесто зависат од продажбата, структурата на купувачите, бројот на фактури, бројот на купувачи, а со извозниот факторинг и земјите кон кои е извозот. Трошоците можат да вклучат и осигурување на кредитниот ризик.

Основниот услов кој треба да го исполни една компанија за да се склучи договор за факторинг е фактурата која е предмет на откуп да не биде доспеана, заложена или пренесена на трета страна и да биде потпишана трипартидна цесија помеѓу нас, купувачот и продавачот, со што купувачот ќе се обврзе дека ќе ја уплати фактурата на сметка на Фактор Труст.

БИ: Дали факторингот може да ја подобри ликвидноста на компанијата и да овозможи финансиска стабилност на долг рок?

Освен управувањето со ликвидноста значајно е да се напомене дека факторингот не се смета за кредит и дополнително ја подобрува сликата во финансиските извештаи на компанијата, при што компаниите се во можност да добијат подобар пристап до кредитни линии. Дополнително, компаниите добиваат конкурентна предност во споредба со нивните конкуренти, при што можат да преговараат за подобри услови за плаќање со нивните купувачи и/или добавувачи.

БИ: Кои се предностите што ќе ги добие компанијата од користење на факторингот?

Факторингот како алтернативен начин на финансирање овозможува висок раст на компаниите со тоа што добиваат постојано финансирање кое зависи од нивната продажба и може да го следи нивниот раст дури и кога традиционалните извори на финансирање се истрошени. Исто така им нуди на компаниите побрз пристап до ликвиден капитал,  пократок процес за апликација и одобрување на потребната сума, подобра финансиска позиција на компанијата – односно одржување на нејзината кредитоспособност и солвентност.

БИ: Дали постои интерес за користење на овој вид на финансиски услуги од македонските компании?

Со оглед на фактот дека финансиските друштва се релативно нова категорија во македонскиот финансиски сектор, како и нивната слаба промоција, сметаме дека интересот за производите на финансиските друштва е сè уште на ниско ниво. Голем дел од компаниите, особено оние кои спаѓаат во групата на мали и средни претпријатија (МСП) не се запознаени со можностите кои им ги нудат финансиските друштва како алтернатива на традиционалните банкарски продукти.

БИ: Во која насока се движат плановите на Фактор Труст за во иднина?

Врз основа на добрата деловна култура во комуникацијата со корисниците и грижата врз истите, идните планови на ФД Фактор Труст се темелат врз обезбедување на флексибилни решенија за финансирање, специјално прилагодени на потребите на нашите деловни партнери, при што сакаме да  бидеме катализатор за раст и развој на македонските компании.

Наша определба е постојано подобрување и усовршување на услугите, начинот на давање и брзина на реализација на услугите и постојан контакт и соработка со корисниците.

Во наредниот период предвидени се и низа тркалезни маси, работилници, информативни настани како и дијалог со различни заинтересирани страни вклучувајќи претставници на деловни и финансиски професионални здруженија, правни и регулативни институции.

Согласно тоа, очекуваме дека наскоро ќе дојде до зголемување на конкуренцијата во секторот на небанкарски финансиски институции, проследено со значителен развој на продуктите  кои овозможуваат алтернативни извори на финансирање.