Фонд за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Делегацијата на Европска Унија во Република Северна Македонија, денеска ги презентираше препораките од студиите на одржливост во рамките на проектот Начини на јакнење на иновацискиот екосистем, финансиран преку претпристапните фондови на ЕУ, стои во соопштението.

Целта на проектот е да се скенира моменталната состојба на мерки и институции кои нудат поддршка за иновации и развој, како и да се дефинираат идни мерки за поттикнување на соработката меѓу академската заедница и бизнисот.

“Овие студии нудат сет од конкретни препораки со цел поедноставување и поголема ефикасност на системот на доделување на финансиска поддршка за домашните компании. Конкретно дел од програмите што се преклопуваат да се консолидираат во една или неколку за да знаат и компаниите на која врата треба да тропнат. Во контекст на ова, експертите препорачуваат и дел од институциите чиишто надлежности на хартија се преклопуваат да се консолидираат во една или неколку. На пример, во делот на обезбедување советодавни услуги за компаниите наместо државата да вработува нови луѓе,  а со тоа и да троши буџетски средства, да се прифати препораката Агенцијата за поттикнување на претприемништво да се припои кон ФИТР како институција која има најголем удел во овој систем, со оглед на фактот дека 97% од програмите во дел на иновации се реализираат преку ФИТР“, нагласи Јован Деспотовски, директор на ФИТР.

Тој дополни дека “средствата кои би се ослободиле на овој начин би се употребиле за развој на нови инструменти, конкретно за поттикнување на соработка меѓу академијата и бизнисот“.

Студиите беа направени од тим на експерти ангажирани од Делегација на Европска Унија во РСМ кои спроведоа детална анализа на постоечките мерки кои во земјата во делот на иновации, на институции и тела вклучени во овој процес, како и компании.