Фото: Pixabay

Започнувате сопствен бизнис и едно од прашањата што сигурно го поставувате е – како до повеќе потенцијални клиенти? Тоа е терен за подготовка на соодветна маркетинг стратегија, со чија помош ќе може да допрете до вашите клиенти.

Флаерите веќе со децении се користат за промоција на настан, бизнис… Поради тоа, може да си го поставите прашањето дали и колку се ефикасни во време кога социјалните мрежи нудат “канонада“ од информации и реклами.

Од една страна, ако се добро осмислени и дизајнирани, флаерите можат многу лесно да ја пренесат пораката, да го информираат потенцијалниот клиент, да му ги дадат неопходните податоци за новоотворениот ресторан, фризерски салон, производи на промоција, наградна игра…

Но, имајќи го предвид фактот дека мора да се грижиме за животната средина, па затоа флаерите би можеле да добијат негативни поени.

Сепак, истражувањата покажуваат дека покрај сè, флаерите и понатаму се идеални доколку производите и услугите што се нудат се наменети за широка целна група на пазарот. Затоа, овој вид на промоција е соодветна за помали бизниси, како што се фризерски салони, ресторани за храна, услуги од мајстори (водоинсталатери, бравари, електричари, механичари…) и слично.

За да имаат ефект, флаерите треба да имаат едноставен и впечатлив дизајн, којшто треба да му го привлече вниманието на потенцијалниот купувач. Внимавајте да не користите премногу впечатливи бои или многу текст за да не изгледа визуелно неприфатливо. Не заборавајте на неопходните генералии, како што се телефон или мејл за контакт, адреса, интернет страница…

Следниот чекор е нивното делење. Една од најважните фактори е флаерите да бидат разделени во непосредна близина на ресторанот, салонот… бидејќи така ќе бидат поголеми шансите клиентите да ги посетата.

Исто така, може да се користат и места каде што има поголема фреквенција на луѓе, како што се трговски центри, плоштади, за да може да се поделат флаерите до што е можно повеќе потенцијални клиенти.