Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Публикум инвест АД Скопје

КБ Публикум инвест АД Скопје е друштво за управување со инвестициски фондови основано во 2009 година од Комерцијална банка АД Скопје и Публикум холдинг ДОО Љубљана од Словенија. Друштвото управува со четири отворени инвестициски фондови различни од аспект на своите вложувања и соодветно на тоа, целта која што ја остваруваат за своите инвеститори.

На тема инвестициски фондови и како паметно да се инвестира зборувавме со Горан Марковски, главен извршен директор на на КБ Публикум инвест.

БИ: Генерално, колку македонците се запознаени со инвестициските фондови што делуваат во земјава?

По 10 години постоење на инвестициски фондови на македонскиот финансиски пазар, сметам дека познавањето на најголемиот дел на граѓаните за овој тип на финансиски институции е сè уште на скромно ниво. Појавувањето на инвестициските фондови во периодот на светската економска и финансиска криза во 2007 година и негативните искуства што ги имаа граѓаните од инвестирање во хартии од вредност влијаеја на нивниот развој. Интересот за инвестициски фондови во Македонија започна да расте со појавата на паричните фондови во 2011 година од причина што овој тип на фонд по начинот на вложување е многу сличен со депозит во деловна банка. Со појавувањето на паричните инвестициски фондови се зголеми обемот на инвестирани средства во инвестициските фондови, но сепак и понатаму останува голем простор за нивна популаризација и зголемување на нивното учество во финансискиот систем на државата.

БИ: Кои се предностите што ги нудат фондовите за инвеститорите?

  1. Професионално управување со фондовите преку почитување на основните принципи на профитабилност, сигурност и ликвидност
  2. Диверзификација фондот вложува во голем број на различни хартии од вредност, во различни компании, индустриски сектори и пазари.
  3. Достапност – за инвестирање не се потребни големи износи на парични средства, а истите може да се уплатуваат повеќекратно, во зависност од можностите на клиентот.
  4. Ликвидност – средствата вложени во удели во секој момент им стојат на располагање на клиентите.
  5. Повисок принос – можност за остварување повисок принос на краток, среден и долг рок во споредба со класичниот облик на штедење.
  6. Едноставно купување и продавање – едноставни процедури при вложување и повлекување на инвестираните средства.
  7. Правна заштита на инвеститорите – се обезбедува преку надзор од страна на Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија, депозитарната банка, па сè до законски предвидената ревизија за работењето.

БИ: Како да препознаме кој фонд најмногу одговара на нашите потреби?

При изборот на фонд најважно е најпрво самиот инвеститор да утврди кои се неговите цели од аспект на очекуван принос и ризикот што е спремен да го превземе. Поголемиот очекуван принос значи превземање на повисок ризик и обратно. Гледано од аспект на принос и ризик, фондовите кои вложуваат во акции обебедуваат на долг рок најголем принос, меѓутоа и ризикот од намалување на вредноста на вложувањето е најголем. Следни се балансираните фондови кои се комбинација од вложувања во акции и во обврзници. Понатаму, обврзничките фондови важат за посигурен и постабилен тип на фонд кој што вообичаено има пониско ниво на ризик во споредба со претходните фондови. На крајот, паричните фондови важат за најконзервативен тип на фондови што нудат помал принос со понизок ризик бидејќи средствата кај овие фондови во најголема мера се вложени во депозити и државни обврзници. Секако во изборот на фонд покрај приносот и ризикот треба да се земе во предвид и временскиот хоризонт на инвестирање бидејќи за пократки периоди на инвестирање посоодвени се поконзервативните фондови додека за подолги рокови се препорачуваат поризичните и поприносни фондови.

БИ: Зошто е подобро да се инвестира преку фонд отколку директно?

Индивидуалното вложување во акциите наспроти вложувањето во отворените инвестициски фондови е прашање кое од секогаш било голема дилема за индивидуалните инвеститори. Меѓутоа прашањето дали треба тоа да го направите тоа сами и директно да одите на пазарот на капитал, или пак да ги вложите вашите средства во фонд кој е професионално управуван (и тоа ќе го стори наместо вас) е од уште поголема важност бидејќи во услови на економска неизвесност и голема волатилност на пазарите на капитал наградата за успехот, односно евенуалната штетата од неуспехот се многу повисоки. Секако дека одговорот ќе се разликува од лице до лице, во зависност од низа фактори како што се: висината на средства кои сте спремни да ги инвестирате, нивото на финансиска едуцираност, како и колку време и напор сте спремни да посветите во процесот на управување со вашите средства?

БИ: Според вас, каква е перспективата на инвестиционите фондови во земјава?

Во изминатата година продолжи растот на средствата во инвестициски фондови за 49,5%. Од почеток на оваа година исто така е забележан раст од 19,3%. Позитивните трендови се резултат на поволниот амбиент за инвестирање изразен преку ниски каматни стапки на депозитите и повисоките приноси што ги генерираат инвестициските фондови во изминатите години. Доколку се анализира учеството на средствата во инвестициски фондови во однос на вкупните депозити во банкарскиот сектор во Македонија (1,58 %) и спореди со просеците од регионот (Словенија 10,87%, Хрватска 6,02 %) повторно се доаѓа до заклучок дека инвестициксите фондови имаат сè уште простор за раст во рамки на финансискиот сектор. Трендот на раст на оваа дејност во Македонија очекувам да продолжи и во наредниот период со динамика и структура кои ќе зависат од макроекономските и политичките случувања на глобално ниво.