Германската компанија Kromberg&Schubert отвара свој производствен погон во Србија, пишува Biznis Info. Фабриката е лоцирана во Крушевац, а ќе произведува кабли за автомобилската индустрија.

Моментално во погонот се вработени 600 луѓе, додека до крајот на годинава планирано е да се вработат уште 200 работници. Се очекува до 2022 година, фабриката да проработи со полн капацитет, кој ќе вклучува 2.500 вработени.

Според договорот потпишан уште во 2016 година, вкупната инвестиција за оваа фабрика изнесува 29 милиони евра, од кои 9,5 милиони ги субвенционираше српската влада, а градот Крушевац отстапи земјиште од 6,2 хектари за изградба на фабриката и ги обезбеди инфраструктурните приклучоци.

Kromberg&Schubert е семејна компанија за производство на автомобилски компоненти и водечки глобален снабдувач на жичани системи, кабли и производи за технологијата на вбризгување. Компанијата е присутна на повеќе од 30 локации во светот и вработува околу 38.000 работници.

 

 

Фото: Facebook