Гувернерката на Народната банка на Република Македонија, д-р Анита Ангеловска-Бежоска учествува на Финансискиот форум организиран од меѓународната организација Еурофи. Оваа организација претставува платформа за размена на ставови и за дискусија помеѓу претставниците на секторот за финансиски услуги и на институциите носителки на политики во однос на прашања поврзани со регулативата и супервизијата на финансискиот систем, како и прашања од поширок економски контекст.

На Форумот којшто се одржува во Виена, Австрија и којшто организациски е поддржан од Австриското претседателство на Советот на Европската Унија, покрај членовите на Еурофи, учествуваат и високи претставници на меѓународните финансиски институции, на министерствата за финансии на тринаесет држави членки на ЕУ, членови на Европската комисија и на Европскиот парламент, како и високи претставници на Европската централна банка и на централни банки на петнаесет држави, меѓу кои од Балканот се гувернерката на НБРМ и гувернерот на Хрватската народна банка.

Во рамки на Форумот, фокусот е ставен на актуелни прашања поврзани со макроекономските и системските предизвици, можностите коишто произлегуваат од воведувањето нови технологии и развојот на одржливи финансии, дискусии околу развојот на алтернативно финансирање во рамки на ЕУ, како и на прашања поврзани со натамошните чекори во однос на процесот на европска интеграција. Во контекст на последното прашање, посебен акцент е ставен на оптимизирањето на банкарската унија, улогата на дигитализацијата за интегрирани финансиски услуги, практичните аспекти на процесот на Брегзит, но и на прашањата за приоритетите во однос на развојот на финансиските пазари и финансиската поддршка за инвестирање во земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Последното прашање ќе биде разгледано на панел-дискусија, на којашто активно учество како излагач ќе има и гувернерката Ангеловска-Бежоска. Во дискусијата со која ќе претседава истакната австриска економистка г-а Гертруде Тумпел-Гугерел, како излагачи ќе учествуваат и директорката за стратешки анализи за Југоисточна Европа во Европската инвестициска банка, д-р Дебора Револтела, раководителот на Одделението за финансиски политики на Постојаното претставништво на Република Словачка во Европската Унија во Брисел и потпретседател на Центарот за финансиски иновации при Словачкото министерство за финансии, м-р Петер Палуш, претседателот на Одборот на гувернери на Букурешката берза, д-р Лучан-Клаудиу Ангел, раководителот на Одделот за ЦИЈИЕ на Уникредит, г. Карло Вивалди и управниот директор на американската глобална корпорација за управување со инвестиции Блекрок, г. Јенс-Кристијан Хејгел.

Во рамките на оваа панел-дискусија ќе бидат разгледани главните ограничувачки фактори на финансирањето и инвестирањето во земјите на ЦИЈИЕ, ќе се идентификуваат клучните точки каде што има потреба за дополнително и алтернативно финансирање, ограничувачките фактори за поголема понуда на кредити и за развој на финансиските пазари во целина, како и улогата на различните иницијативи (Виенската иницијатива, мерките за формирање унија на пазар на капитал, иницијативата СРСС во рамките на ЕУ и слично) во поддршката на развојот на финансиските пазари.

Осврт на гувернерката Ангеловска-Бежоска за финансиските и инвестициските предизвици во регионот на ЦИЈИЕ е објавен и во специјалното издание на магазинот на Еурофи, подготвено по повод одржувањето на овој форум, значаен во глобални рамки.