Како расте и се развива една компанија, освојува нови пазари, создава нови производи… природно се наметнува потребата за зголемување на бројот на вработени. Но, понекогаш не треба веднаш да избрзувате со регрутирање нови вработени, туку да им се даде шанса на помлади луѓе кои допрва треба да стекнуваат работно искуство и да создаваат работни навики.

Според законската регулатива во нашата земја, практикантство е работна активност што вклучува компонента на работа преку учење и здобивање на практични работни вештини, којашто се реализира во ограничен временски период, со цел стекнување на практично и професионално искуство, за да се подобри вработливоста и да се помогне преминот кон редовно вработување.

Од друга страна, практикантство не подразбира вршење на приправнички стаж, волонтерски стаж и пробна работа, како и обука, преквалификација и доквалификација.

Меѓу основните услови што треба да ги исполни лицето за да може да врши практикантска работа во една компанија се: да не е во работен однос, да не е постар од 34 години и да има завршено најмалку основно образование.

Доколку компанијата, што има потреба од еден или повеќе практиканти, може да објави јавен оглас објавена на својата интернет страница и/или на интернет страницата на Агенцијата за вработување или друг јавен медиум.

Законодавачот утврди дека периодот на траење на практикантска работа кај еден работодавач може да изнесува до шест месеци, а кај ист работодавач практикантството може да се врши само една од исто лице.

Практикантот за време на извршување на практикантската работа кај работодавачот има право на месечен надоместок кој го исплаќа неговиот работодавач. Висината на надоместокот е од 42% до 74% од минималната нето плата, за практикантска работа до три месеци и во висина на минималната нето плата за практикантската работа над три месеци, сметано од четвртиот месец.