Компанијата Интерпромет од Тетово, во периодот 01.01 до 31.12.2018 година, прикажа вкупна сеопфатна добивка во износ од 4.239.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Во текот на 2017 година, компанијата евидентираше добивка во висина од 2.462.000 денари.

“Во периодот од 01.01 до 31.12.2018 година Друштвото оствари позитивен финансиски резултат во бруто износ од 4.735 илјади денари наспроти бруто добивката во 2017 година во износ од 2.767 илјади денари што претставува зголемување од 71% или нето добивка поголема за 1.777 илјади денари. Ова се должи на зголемени приходи од основната дејност (издавање на деловен простор по закуп) за износ од 2.116 илјади денари во 2018 во однос на 2017 година, како и зголемените останати приходи за износ од 1.056 илјади денари за 2018 во однос на 2017 година. Приходите од дејноста за 2018 година изнесуваат 24.516 илјади денари, останатите оперативни приходи изнесуваат 1.797 илјади денари, додека во 2017 година приходите од основната дејност биле 22.399 илјади денари, односно 740 илјади денари останати приходи“, стои во Коментарот на остварените приходи.

Вкупните приходи од продажба, заклучно 31-ви декември 2018 година, имаа вредност од 24.516.000 денари, додека една година претходно беа на ниво од 22.399.000 денари.

“Друштвото досегашното свое работење го извршуваше во согласност со своите утврдени стратешки цели и деловната политика со цел унапредување и постигање на подобри резултати во своето работење. Со оглед на тоа дека основна дејност на друштвото е издавање под наем на деловен простор со кој располага, во идниот период активностите ќе бидат насочени кон наоѓање на соодветни закупци и можност за издавање на целокупниот простор со кој друштвото располага. Очекувањата на менаџментот за наредната година се зголемување на приходите од основната дејност, како и рационализација на остварените трошоци. Ова е поткрепено и со фактот што друштвото поседува недвижности во најатрактивните централни подрачја во градот за кои секогаш има побарувачка. Друштвото цени дека овие цели и планови се остварливи и друштвото ќе продолжи со позитивни финансиски резултати и во идните периоди“, стои во планот и очекувањата за претстојниот период.