Глумци, пејачи, новинири, спортисти, водители и останати јавни личности… сите во еден глас праќаат порака: Го сакам градот безбеден, и со тоа  даваат поддршка на новата едукативна активност на РСБСП која го носи токму овој наслов, а има за цел подигнување на сообраќајната култура и свест во секој град и во секое населено место во Македонија.

На  овој начин,  РСБСП со поддршка на јавните личности ги најавува двете  значајни активности кои ќе се случуваат престојниот период. Станува збор за кампањата Недела за безбедност на сообраќајот, во Охрид и во Битола. И двете, со ист наслов, со иста порака со исто мото – Го сакам градот безбеден!

Во Република Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се тешко повредени. Сообраќајните незгоди се причина број еден за смртност кај младите лица.

Според РСБСП, брзото возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, неетичко, некултурно, неодговорно, нетолерантно однесување во сообраќајот, се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици.

Оттука, РСБСП и сите јавни личности кои ја поддржаа кампањата Го сакам градот безбеден  апелираат на поголема одговорност во сообраќајот, целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Бидејќи пред нас е лето, а статистичките податоци и искуствата од минатите години покажуваат дека бројот на настрадани лица во сообраќајни незгоди во летниот период двојно се зголемува.